Миксблик е социјално претпријатие од Ротердам кое ги спојува одржливото производство на храна и зајакнувањето на жените со ниско ниво на писменост, кои неодамна се доселиле во Холандија. Нивната цел е да им ја олеснат интеграцијата преку практична работа и едукација.
Жените доаѓаат во фабриката трипати неделно, каде што комбинираат готвење и пакување оброци со часови по холандски јазик и запознавање со работната култура. Коосновачката Естер ван дер Ховен истакнува дека на многу жени им е тешко да се вклучат во новото општество, па затоа програмата нуди и јазична и професионална поддршка.
Во моментов во програмата се вклучени 24 жени, а дел од првите учеснички веќе добиле постојано вработување. Организацијата соработува со локалните власти и им помага на жените по завршувањето на обуката да најдат работа во прехранбената индустрија.
Миксблик произведува вегетаријански и вегански оброци инспирирани од кујните на земјите од кои потекнуваат учесничките. Јадењата се пакуваат во шарени лименки, избрани поради можноста за рециклирање и зачувување на свежината на храната. Во подготовката се користат органски и локални состојки од фарми во околината на Ротердам.
Заедништвото е клучен дел од нивната мисија – жените се поддржуваат меѓусебно и надвор од работната средина. Како што порачуваат од Миксблик, грижата за луѓето и за планетата е подеднакво важна како и квалитетот на храната што ја произведуваат.
Извор: EuroNews.com
Фото: Pexels.com



