Населението во Македонија сè постаро – Просечната возраст 42,1 година

Просечната (медијална) возраст на населението во Европската унија на 1 јануари годинава изнесувала 44,9 години, што е за 2,1 година повеќе во однос на 2015 година, кога изнесувала 42,8 години, соопшти Евростат. 

Разликите меѓу земјите-членки се значителни. Најмладо население има Ирска со 39,6 години, додека Италија е на спротивниот крај со 49,1 година. Стареењето на населението е тренд речиси насекаде во ЕУ, со исклучок на Германија и Малта, каде медијалната возраст благо се намалила (за по 0,4 проценти). Најголем пораст е забележан во Словачка и Кипар (по 4 проценти), потоа Италија (3,9), Грција и Полска (по 3,8), како и Португалија (3,7 проценти).

Податоците за поширока Европа покажуваат дека Турција има најмладо население со просек од 34,4 години, пред Азербејџан (35,1) и Исланд (37,2). Во рамки на ЕУ, по Ирска, релативно младо население има и Луксембург (39,8 години).

Во регионот, просечната возраст во Црна Гора изнесува 40,4 години, во Македонија 42,1, во Албанија 44,3, додека Хрватска и Словенија бележат по 45,5 години.

Најстаро население во Европа има Италија (49,1 година), потоа Бугарија и Португалија (по 47,3), како и Грција (47,2 години).

Медијалната возраст значи дека точно половина од населението е помладо, а другата половина постаро од наведената бројка – принцип што важи и за ЕУ во целина и за секоја држава поединечно.

Извор: Eurostat

Фото: Freepik