„Матица македонска“ донираше книги за ученици по македонски јазик во Хрватска

Издавачката куќа ‘Матица македонска’ донираше книги за учениците што го изучуваат предметот Македонски јазик и култура во хрватскиот град Света Недела.

Донацијата е реализирана по повод 14 февруари – Меѓународниот ден на дарувањето книги, во рамки на иницијативата „Подари книга, подари свет“. Од издавачката куќа информираат дека целта е да се зголеми достапноста на македонската литература меѓу учениците во дијаспората и да се поттикне љубовта кон читањето на мајчин јазик.

Пакетот опфаќа избор на дела од македонски автори, современа поезија и проза, како и литература за деца. Книгите ќе бидат вклучени во библиотечниот фонд на училиштето и ќе им бидат достапни на учениците и наставниците во наставниот процес.

Иницијативата за воведување на предметот во Света Недела ја предводи професорката Ивана Брезовец, која оценува дека ваквата поддршка има значајна улога во зачувувањето и афирмацијата на македонскиот јазик и културен идентитет кај младите во Хрватска.

Според достапните податоци, предметот Македонски јазик и култура го изучуваат 108 ученици во осум основни училишта и три гимназии во повеќе градови низ Хрватска меѓу кои Загреб, Дуго Село, Стрмец, Риека, Осиек, Пула и Сплит.

Од „Матица македонска“ упатија повик до институциите, компаниите и поединците да се приклучат кон иницијативата за дарување книги и поддршка на младите читатели.