Аеробниот тренинг, како трчање, пливање или танцување, може да се смета за почетна терапија или прва линија на третман за блага депресија и анксиозност. Ова го покажува истражување во кое се нагласува дека вежбањето со други лица носи најголеми придобивки, објави „Гардијан“.
Научниците анализирале 63 објавени студии за врската меѓу физичката активност и менталното здравје, опфаќајќи речиси 80.000 испитаници. Најголеми подобрувања биле забележани кај младите и кај породиљите – групи што се сметаат за особено ранливи на ментални нарушувања.
Иако групниот аеробен тренинг се покажал како најефикасен за намалување на симптомите на депресија и анксиозност, програмите со понизок интензитет кои траеле неколку месеци исто така дале добри резултати, особено кај анксиозноста.
Психологот Нил Манро од Универзитетот „Џејмс Кук“ во Квинсленд изјави дека вежбањето понекогаш може да има сличен, па дури и посилен ефект од традиционалните третмани, но нагласи дека активноста треба да биде прилагодена на поединецот.
Студијата покажала дека аеробните активности што го забрзуваат срцевиот ритам имаат најсилен ефект врз депресијата, додека тренингот за сила и јогата имале помал ефект. Дополнителни придобивки биле забележани кај лицата кои вежбале во група или под надзор, што укажува дека социјалната поврзаност игра клучна улога.
Експертите сепак предупредуваат дека вежбањето не треба да ги замени докажаните терапии, како психотерапија или лекови, особено кај лица со потешки форми на депресија. Во тие случаи, физичката активност треба да се гледа како дополнување на стручниот третман, а не како негова замена.
Фото: Freepik



