Во хрватскиот град Света Недела, во близина на Самобор, свечено беше одбележан почетокот на наставата по изборниот предмет Македонски јазик и култура – значаен чекор за македонската заедница во овој дел од Хрватска.
Иницијативата ја покрена професорката по македонски јазик Ивана Брезовец, која предметот веќе го предава во Првата гимназија во Загреб и е претседателка на македонското културно друштво „Охридски бисер“ во Загреб. Нејзиниот ангажман резултираше со проширување на наставата и во Света Недела, овозможувајќи им на децата од македонско потекло да го изучуваат мајчиниот јазик и култура во рамки на образовниот систем.
Реализацијата на програмата е овозможена со поддршка од Заедницата на Македонците во Република Хрватска, од претставничката на македонското национално малцинство во Загрепската жупанија Лена Ѓапиќ, како и од Министерството за наука, образование и млади на Република Хрватска.
На свеченото отворање присутните сведочеа за детски насмевки и искрена возбуда кај најмладите, кои уште од почетокот на учебната година со нетрпение го очекувале стартот на наставата. Интересот за предметот произлегол и од личната иницијатива на синовите на професорката Брезовец и нивните училишни другари, што дополнително ја нагласува автентичноста и потребата од ваква програма.
Како што соопшти Иван Антоновски, професор од Филолошкиот факултет при УКИМ, овој настан претставува доказ дека во секојдневниот живот на Македонците во дијаспората можат да се случуваат убави и важни иницијативи што придонесуваат за зачувување на јазикот, културниот идентитет и врската со татковината.
Фото: Freepik



