Анализа со помош на вештачка интелигенција (ВИ) ја доведе во прашање автентичноста на две слики кои му се припишуваат на фламанскиот уметник од 15. век, Јан ван Ајк, а кои се наоѓаат во музеи во Италија и САД. Станува збор за двете верзии на делото „Свети Фрањо Асишки ги прима стигмите“, за кои научните испитувања не откриле карактеристични потези со четка на познатиот мајстор.
Едната слика се наоѓа во Музејот на уметност во Филаделфија, во американската сојузна држава Пенсилванија, додека другата е дел од колекцијата на Кралските музеи во Торино. Двете дела се непотпишани и речиси идентични, пренесува „Гардијан“.
Истражувањата ги спроведе швајцарската компанија Art Recognition, во соработка со Универзитетот во Тилбург, Холандија. Анализата, која вклучува употреба на вештачка интелигенција, не пронашла ниту еден препознатлив елемент од техниката на Ван Ајк на ниту едно од двете дела.
Еден од водечките експерти за делото на Ван Ајк, Тил-Холгер Борхерт, директор на музејот Суермондт-Лудвиг во Ахен, изјави дека наодите ја поддржуваат тезата дека сликите можеби се изработени во уметниковата работилница, но не нужно од неговата рака. Ван Ајк важи за пионер во сликарството со масло, а денес се зачувани помалку од 20 негови дела.
Компанијата Art Recognition и претходно открила десетици фалсификати, меѓу кои и околу 40 лажни уметнички дела понудени на интернет во 2024 година.
Фото извор: Википедиа



