Европските регулатори ја обвинија апликацијата TikTok дека создава зависност кај корисниците и дека не ги почитува правилата на Европската унија за онлајн содржини. Поради тоа, на платформата ѝ се заканува казна до 6 проценти од глобалниот промет, како и обврска да го промени начинот на кој функционира во Европа.
Европската комисија, по едногодишна истрага спроведена во рамки на Законот за дигитални услуги (DSA), објави прелиминарни наоди според кои TikTok не презел доволни мерки за заштита на корисниците, особено децата и ранливите групи. Регулаторите сметаат дека функции како бесконечното скролање, високо персонализираните препораки и постојаниот прилив на кратки видеа го задржуваат вниманието на корисниците и ги поттикнуваат да поминуваат прекумерно време на апликацијата.

Загриженост за децата и ноќното користење
Според Комисијата, TikTok не направил соодветна проценка на влијанието врз физичкото и менталното здравје, особено кога станува збор за ноќното користење кај малолетници. Како проблем се наведуваат и недоволните алатки за контрола на времето пред екран и ограничените можности за родителски надзор.
Извршната потпретседателка на Европската комисија и комесарка за дигитални технологии, Хена Виркунен, изјави дека зависноста од социјалните мрежи може сериозно да влијае врз развојот на децата и тинејџерите и дека ЕУ има обврска да ги заштити граѓаните на интернет.
Од TikTok ги отфрлија обвинувањата, оценувајќи ги како неосновани, и најавија дека ќе достават официјален одговор пред донесување конечна одлука. Исходот од случајот, според ЕУ, може значително да го обликува идниот изглед на социјалните мрежи во Европа.
Извор: EUpravozato
Фото извор: Unsplash.com



