Националниот џез оркестар ќе одржи концерт со светски познатиот пијанист и органист Ренато Чико

На 19 февруари, со почеток во 20:00 часот, Националниот џез оркестар ќе одржи концерт со светски познатиот пијанист и органист Ренато Чико (Renato Chicco), во Националната опера и балет во Скопје. Концертот ќе се реализира под диригентската палка на маестро Џијан Емин и носи силна интернационална џез-енергија на македонската сцена.

Ренато Чико е музичар чие творештво се формирало на њујоршката џез-сцена во 1990-тите години, во период кога активно делувал во срцето на американската биг-бенд традиција. Како член на оркестарот на легендарниот Лионел Хемптон и музички директор на Jon Hendricks & Company, Чико настапувал на некои од најкултните џез-сцени во светот, меѓу кои Blue Note и Birdland.

Неговиот современ авторски израз денес е најпрепознатлив преку звукот на хамонд-оргулите – инструмент кој е во центарот на проектот „Organ & Big Band“. Токму таа програма, базирана на албумот First Encounter – Organ & Big Band, ќе биде изведена на концертот во Скопје, преку оригинални композиции и специјално напишани аранжмани за биг-бенд состав.

Специјален гостин на вечерта е њујоршкиот бубњар Енди Вотсон (Andy Watson), истакнат џез-музичар и соработник на реномирани ансамбли како Vanguard Jazz Orchestra и Toshiko Akiyoshi Big Band. Неговиот препознатлив грув и стил ќе дадат дополнителна динамика и автентичност на овој уникатен џез-настан.

Фото извор: Pexels.com