Музичките алхемичари „Алембик“ го објавија својот втор албум „Без никого да удриш“

Оваа песна е само желба
Дека некој ќе го изеде
Она што ме јаде,
Дека она што ме одзема може
Некому да даде.

***

Под рефлекторите меѓу мозаиците на Глигор Чемерски, на ридот Локубија, лани летото на Споменикот на слободата во Кочани свиреа повеќе бендови, меѓу кои и „Алембик“. За оние што подолго време не ги гледале – на „Расплет“ ги видоа во проширен состав. Исто така, аудиториумот слушаше нови, свежи необјавени теми што беа музичка надградба и продолжение на нивното албумско првенче.

Сега, откако тие теми „легнаа“ и поминаа неколку концерти дома и во Странција, „Алембик“ конечно ги претставува во својот втор албум „Без никого да удриш“, објавен под капата на независниот издавач „Мртов коњ“, како логичен продолжеток на нивната меѓусебна соработка и заедничарење со „Гола планина колектив“.

Дуото Ива Дамјаноски (вокал, синт, теремин) и Виктор Танаскоски (гитара, вокал, кларинет) во албумов се спојуваат со Андреа Мирческа (бас) и Драган Теодосиев (тапани) – кои се интегрален дел од растечката независната фри-џез и рокенрол сцена – со што составот сега добива дополнителна музичка димензија, без да избега од оригиналниот алхемиски експериментален пристап, со корени „брцнати“ во арт-рок и џез-рок звукот од 70-те и 80-те на минатиот век.

Како гостин и заеднички потписник на неколку теми се јавува и Филип Ефински, додека материјалот е сниман, миксан и мастериран од Раде Биковски, заедно со неговото околувратно пешкирче, со што албумот добива дополнителен музички белег.

Текстовите на сите песни се напишани од Ива Дамјановски, освен за втората, чии зборови се дело на Виктор Танасковски.

Албумот може да се слушне и поддржи преку Бендкемп, или на останатите платформи.

Бојан Шашевски
Фотографиите од составот се на Игор Аврамоски