Лесно достапен алкохол, зголемена употреба на е-цигари и секој четврти средношколец се коцка за пари, покажува истражување на ИЈЗ

Достапноста на супстанциите останува висока за учениците на возраст од 15 до 16 години во Македонија. Значителен дел од учениците изјавиле дека супстанции како пиво (55,5%), вино (49,9%) и жестоки пијалаци (44,6%) се прилично или многу лесни за набавка. Слично на тоа, 35,5% од учениците лесно можат да пристапат до цигари, додека 37,9% го рекле истото за електронските цигари. Тутунските производи кои се загреваат, како и наргилето се исто така лесно достапни. Канабисот се смета за помалку достапен (16,6%), иако пристапот е многу поголем кај момчињата (21,3%) отколку кај девојчињата (12,1%). Во однос на коцкањето, во изминатите 12 месеци, еден од четири ученици (25%) изјавил дека се коцкал за пари.

Овие бројки се дел од извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) насловен „Европски проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги во Македонија“ (ЕСПАД), објавен на крајот на декември 2025, под авторство на Сања Прошева.

Според истражувањето, спроведено меѓу 2.831 ученик, бројките покажуваат дека пристапот и до легални и до нелегални супстанции е релативно распространет, што ги поткопува напорите за превенција и ги нормализира ризичните однесувања.

„Употребата на традиционални цигари во текот на целиот живот постепено се намалува – од 43% во 2008 година на 33% во 2024 година – што укажува на одреден успех во долгогодишните напори за контрола на тутунот. Сепак, овој позитивен тренд е компензиран од зголемената популарност на алтернативните производи со никотин“, посочуваат од ИЈЗ.

Ова значи, употребата на електронски цигари значително се зголемила, односно во текот на нивниот живот рипнала од 21% во 2019 година на 30% во 2024 година, а 11,7% од учениците пријавиле тековна употреба во минатиот месец. Слично на тоа, производите од тутун што се загреваат се појавуваат како уште еден загрижувачки тренд – речиси 20% ученици ги пробале, а 10,3% ги користеле во изминатиот месец.

„Овие производи честопати носат заблуда дека се побезбедни од традиционалните цигари, но нивниот потенцијал за зависност и здравствените ризици остануваат значајни, особено за адолесцентите кои сè уште се развиваат“, се забележува во документот, каде е нагласена потребата за сеопфатна стратегија за превенција, построга регулатива и насочено образование.

Алкохолот останува најчесто користената супстанца кај учениците. Над 62% пробале алкохол, а повеќе од една третина пиеле во изминатиот месец. Тешко епизодно пиење – дефинирано како консумирање пет или повеќе пијалоци во една прилика – пријавиле 33,2% од учениците, при што момчињата (36,5%) имале поголема веројатност да се вклучат во прекумерно пиење отколку девојчињата (30,1%).

„Можеби позагрижувачки е тоа што 28,5% од учениците пријавиле дека пиеле алкохол на возраст од 13 години или помлади, а 6,7% доживеале интоксикација на таа возраст. Овие бројки ја нагласуваат континуираната општествена прифатеност и лесната достапност на алкохолот, и покрај неговите здравствени ризици“, е потенцирано во истражувањето.

Употребата на други недозволени супстанции, според истражувањето, останува релативно ниска, генерално под 2%.

Има значителни варијации во зависност од супстанцијата и полот. Според тврдењата на учениците, предничат инхалантите – супстанции како лепило или растворувачи – со преваленца од 2,1%, а кокаинот е пријавен од 1,5% од учениците, почесто кај момчињата (1,9%) отколку кај девојчињата (1,2%).

Амфетамини користеле 1,1%, додека екстази земале 0,8%, колку што е вкупниот процент и за магичните печурки.

Сепак, злоупотребата на лекови се чини дека е почеста.

„Ова се однесува на употребата на транквилизери и седативи (дијазепам, лексилиум, валиум, хелекс), како и лекови против болки (диклофенак, кетонал, волтарен, дорета) кои понекогаш лекарите ги препишуваат за да им помогнат на луѓето да се смират, да заспијат полесно или да се релаксираат. Аптеките не би требало да ги даваат овие лекови без рецепт“, нагласено е во документот.

Околу 6,6% користеле транквилизери/седативи без рецепт, а 10,1% лекови против болки за да бидат „хај“.

„Овие однесувања се особено загрижувачки поради перцепцијата дека фармацевтските производи се ‘побезбедни’ или помалку недозволени, и затоа што тие често се подостапни за адолесцентите преку ординациите на лекарите, но, и преку нивните родители, баби или дедовци кои најчесто ги имаат овие лекови дома“, пишува во истражувањето.

Коцкањето останува родово прашање. Иако вкупниот процент на ученици кои се коцкале во изминатата година малку се намалил – од 31% во 2015 година на 25% во 2024 година – проблематичното коцкање се зголемило.

Процентуално, 7,6% ги исполнувале критериумите за проблематично коцкање, при што момчињата (9,3%) се повеќе погодени од девојчињата (4,1%).

„Коцкањето со физичко присуство во кладилници, казина и слично е сè уште почесто од онлајн коцкањето, но растот на платформите за онлајн обложување продолжува да ги замаглува овие граници. Овие трендови сугерираат дека помалку адолесценти може да се коцкаат, но оние кои се впуштаат во поинтензивни или поризични форми на коцкање всушност се прикриени со онлајн коцкањето. Раната превенција е од суштинско значење, особено со оглед на психолошките и финансиските последици од проблематичното коцкање“, се заклучува во документот.

„Во изминатите 12 месеци, еден од четири ученици (25%) изјавил дека се коцкал за пари. Подетално, дали се коцкаат во живо (со физичко присуство на слот машини, игри со карти или коцки, лотарии, обложување на спорт или животни), 21% од сите ученици пријавиле учество“, е дополнето во документот.

Како што стои во извештајот, дигиталното однесување кај учениците е уште една важна област. Повеќето ученици – 71,4% – поминуваат премногу време на социјалните медиуми (Инстаграм, Тик-Ток, Фејсбук, Твитер, Вибер, Телеграм, ВатсАп, Снепчет…). Оваа перцепција е почеста кај девојчињата (75,1%) отколку кај момчињата (67,5%). Покрај тоа, социјалните медиуми негативно влијаеле на расположението на една третина од учениците.

Кај момчињата, пак, почести се игрите (за компјутер, таблет, конзола, телефон). Речиси едно од пет момчиња игра шест или повеќе часа во денови кога не е во училиште, а 24% изјавиле дека играат игри секојдневно. Девојчињата, иако помалку ангажирани, не се имуни на неговите ефекти, со речиси 10% кои играат игри секојдневно.

„Овие наоди укажуваат на родови модели на прекумерна употреба на дигиталните медиуми, при што девојчињата се повеќе погодени од социјалните медиуми, а момчињата од игрите. Во двата случаи, емоционалните последици како што се раздразливост, промени во расположението или нарушување на спиењето се чести и треба да се земат предвид во програмите за ментално здравје и дигитална писменост“, се наведува во документот.

Од аспект на навиките за слободно време, истражувањето открива остри родови разлики. Момчињата имаат значително поголема веројатност да се вклучат во дигитални игри, при што 38% играат игри речиси секој ден во споредба со само 8,2% од девојчињата. Всушност, над една четвртина од девојчињата никогаш не играат видео игри. Кога станува збор за спорт, родовиот јаз малку се намалува. Мнозинството момчиња (54%) играат спорт секојдневно, додека помала, но сепак значителна група девојчиња (31%) го прават истото.

„Интересно е што неделното ангажирање во спортот е почесто кај девојчињата, што укажува на разлика во интензитетот отколку во учеството. Читањето за уживање е многу почесто кај девојчињата, при што 12% читаат секојдневно, додека повеќе од една третина од момчињата изјавиле дека никогаш не читаат за задоволство. Социјалната ангажираност, како што се средбите со пријатели или излегувањето навечер, е висока кај двата пола, при што околу 40% од учениците изјавиле дека го прават тоа барем еднаш неделно“, покажува извештајот.

Истражувањето се осврнува и на вклученоста на семејството во животот на адолесцентите. Огромно мнозинство од учениците тврдат дека нивните родители се добро информирани за нивните социјални кругови и секојдневните движења. Речиси 87% од родители знаат кои се нивните пријатели, а над 85% рекле дека нивните родители се свесни за тоа каде излагуваат навечер. Приближно половина од испитаниците имаат домашни правила кои ги почитуваат.

Финансиската зависност останува висока – четири од пет ученици рекле дека позајмуваат пари од своите родители, а речиси три четвртини редовно добиваат пари.

„Овие бројки прикажуваат пејзаж во кој адолесцентите се сè уште тесно поврзани со своите семејства и на практичен и на емоционален начин“, се забележува во истражувањето.

Сепак, оваа поддршка не е универзална. Приближно една третина од учениците изјавиле дека живеат во семејства со малку правила, а мал, но значаен процент – помеѓу 6% и 14% – опишале ограничен родителски надзор или економска поддршка. Уште повпечатливо е што 10% од учениците изјавиле дека се чувствуваат неподдржани ниту од нивните семејства ниту од нивните пријатели. Оваа група, иако статистички помала, е особено ранлива.

„Адолесцентите на кои им недостасуваат поддржувачки односи имаат поголема веројатност да се борат со емоционални тешкотии, да се одвојат од училиште и да експериментираат со ризично однесување. Овие ученици треба да бидат во фокусот на целни интервенции и иницијативи за поддршка базирани на заедницата“, е препорачано во извештајот.

Што е со превенцијата?

Во однос на превенцијата, како што стои, пристапот до неа останува нееднаков. Само 38,1% од учениците присуствувале на настан за подигање на свеста поврзан со алкохолот во последните две години, а уште помалку биле изложени на програми за тутун (27,8%), дрога (13,7%) или зависности од однесување како коцкање или игри (15,6%).

Обуката за вештини за социјална, лична и медиумска писменост достигнала само околу една третина од учениците. Активностите за превенција биле спроведени главно од наставници (26,3%) и обично се одржувале во текот на редовното училишно време.

Има мала вклученост од здравствени професионалци или лица со животно искуство – како што се поранешни корисници на супстанции – кои би можеле да донесат дополнителен кредибилитет и влијание.

„Резултатите од ЕСПАД 2024 за Македонија откриваат динамичен и еволуирачки пејзаж на ризик за адолесцентите. Традиционалните навики поврзани со употреба на супстанции, како што се пушењето и пиењето, остануваат распространети, иако некои се во опаѓање. Во исто време, се појавуваат нови предизвици: вејпинг, злоупотреба на фармацевтски производи, прекумерна употреба на дигитални цигари и проблематично коцкање. Додека многу адолесценти имаат корист од силна семејна поддршка и структурирани средини, помал број го немаат тоа – и овие млади луѓе имаат поголема веројатност да се соочат со емоционални и бихејвиорални предизвици. Затоа, напорите за превенција мора да се прошират, диверзифицираат и модернизираат. Интегрирањето на поддршката за ментално здравје, дигиталната благосостојба, врсничката едукација и вклучувањето на семејството во стратегиите за превенција е клучно за да се обезбеди дека сите млади луѓе – без оглед на нивното потекло – се опремени да прават безбедни и здрави избори“, пишува во истражувањето.

Бојан Шашевски
Графикони и табели: истражување на Институтот за јавно здравје