Синдикат на култура: Продолжува традицијата на ненавремено исплаќање на платите во културата

И покрај потпишаниот колективен договор, во кој јасно е утврдено дека платите мора да бидат исплатени најдоцна до 10-ти во месецот, оваа обврска континуирано не се почитува. Дополнително загрижува фактот што веќе не се почитува ни законската обврска за исплата на платите до 15-ти во месецот, реагираат од Синдикатот на култура на Македонија.

„Иако министерот и претставници на Министерството за култура и туризам редовно присуствуваат и се промовираат на културни настани заедно со вработените кои ги создаваат тие содржини, навремената исплата на платите согласно колективен договор и закон очигледно не е приоритет. Последиците од доцнењето на платите по егзистенцијата и достоинството на вработените се сериозни и недозволиви“, посочуваат од Синдикатот.

Според Синдикатот, институционалните претставници се „први за промоција, последни за почитување на договорите и законите“.

„И покрај декларативната заложба за културата, институционалната пракса покажува целосна негрижа кон оние кои ја создаваат, чуваат и одржуваат. Ова претставува уште еден доказ дека Министерството за култура и туризам не покажува реална грижа ниту за колективните договори, ниту за законите, а најмалку за културните работници. Долгогодишната кадровска, финансиска, менаџерска, програмска и инфраструктурна запоставеност на културните институции создава впечаток на системско и намерно уривање на културниот сектор, кој претставува еден од клучните носители на идентитетот на државата“, велат од Синдикатот.

Јавно прашуваат „Дали и за доцнењето на платите културните работници ќе бидат принудени правдата да ја бараат пред суд? Кој ќе сноси одговорност за непочитувањето на законите и потпишаните договори?“.

„Мнистерството мора еднаш да сфати дека вработените во институциите од културата не се нивни непријатели со кои ќе се однесуваат како сакаат, како културата на овој народ да ја имаат во своја сопственост. Бараме Министерството за култура и туризам итно да ја исполни својата законска и договорна обврска и да обезбеди навремена исплата на платите. Вработените во културните институции не се средство за лична и политичка промоција, туку професионалци кои заслужуваат почит, сигурност и достоинствени услови за работа“, стои во реакцијата на Синдикатот.