Минатата 2025 година на студентите им донесе повисоки трошоци, многу ветувања и малку видливи промени

Иако новата влада говореше за реформи, зголемени буџети и „враќање на достоинството“ на образованието, секојдневието на студентите и состојбата на универзитетите покажуваат дека промените се бавни и недоволно видливи. Изминатата година го истакна контрастот меѓу официјалните најави и реалното искуство на студентите. Во  Извештај за напредокот на Македонија кој го објави Европската комисија во 2025 година, земјата е оценета како умерено подготвена во областа на образованието и културата, пишува агенцијата Мета.мк.

Во академската 2024/2025 година, бројот на запишани студенти изнесува 53.535, што претставува раст од 2,33 отсто во споредба со претходната година. Од вкупниот број студенти, 59,3 проценти се жени. Најголемиот дел од студентите, односно 76,8 проценти, студираат на државните универзитети, додека останатите се запишани на приватни високообразовни установи.

Според Европската комисија, и покрај благото зголемување на бројот на студенти, еден од клучните предизвици и натаму останува унапредувањето на квалитетот на високото образование, како и зајакнувањето на системот за акредитација и обезбедување квалитет.

Студентскиот оброк, проширен опсег наместо покачување од 10 денари

Прашањето за субвенционираниот студентски оброк во 2025 година остана една од главните теми. И покрај барањата на студентите, износот од 140 денари по оброк остана непроменет. Годинава наместо да се покачи сумата на оброкот, беше донесена одлука да се прошири опсегот на студенти кои ги добиваат овие средства.

Во април беа донесени законските измени со кои се прошири опфатот на студенти кои имаат право на субвенциониран студентски оброк, а согласно законските измени, право на субвенциониран оброк сега имаат редовни студенти запишани на прв и втор циклус на студии, како и интегрирани студии на државните и приватните универзитети во земјава, кои се македонски државјани и кои немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата за тековната година.

Со други зборови, повеќе не е услов студентите да не се во редовен работен однос и да не се регистрирани како индивидуални земјоделци.

Националното студентско тело, кое е претставничко на сите студенти во државата во септември преку писмено соопштение побара сумата за субвенционираниот оброк да се искачи од 140 на 150 денари.

„Согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, износот се усогласува во согласност со инфлациската стапка после секоја фискална година, а пред донесување на републичкиот Буџет за следната година. Последен пат, висината на сумата за субвенционираниот оброк се промени во 2023 година од 120 на 140 денари“, пишуваше во соопштението од Националното студентско тело.

Покрај плаќање на партиципација, во 2025 факултетите воведоа дополнителни трошоци за студирање кои на одредени факултети изнесуваа до 5000 денари. Овие трошоци беа оправдани како финансии што им се потребни на факултетите за да продолжат да работат, а на студентите им беа претставени како ,,онлајн ресурси“ и „материјални трошоци“.

Студентските собранија предупредија дека ваквата пракса го прави високото образование помалку достапно за студентите од послаби економски средини.

Форумот за образовни промени исто така ја осуди одлуката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) за воведување дополнителни трошоци за студентите.

Од Форумот изјавија дека заедно со дополнителните трошоци и другите давачки кои се воведени за „финансиска експлоатација на студентите“, една академска година на овој универзитет достигнува сума блиска до 500 евра.

„Сè што е задолжително за студентите треба да им се обезбеди без да се бараат дополнителни средства од нив. Дополнително, кај повеќето предмети не се користат никакви материјали за практична настава, бидејќи повеќето лаборатории немаат услови, а практичната настава се претвора во предавања, со што на студентите им се ускратува правото на развој на практични вештини“, реагираа од Форумот.

И покрај реакциите, повеќето од факултетите продолжија да ги наплаќаат дополнителните суми.

Македонија нема претставник меѓу најдобрите универзитети во светот

По многу најави за напредок и унапредување на видокото образование, во 2025-та година УКИМ испадна од листата на 2.000 најдобри универзитети во светот според Центарот за рангирање светски универзитети (CWUR).

УКИМ во 2024 година беше на 1.990-то место на листата, но во 2025 година Македонија остана без претставник меѓу најдобрите, за првпат по повеќе години.

Центарот за рангирање светски универзитети ги рангира универзитетите според образование, вработување на алумни, академска извонредност и истражувачки перформанси. Ова рангирање е едно од најголемите и најобјективните, бидејќи не користи анкети и не бара апликации.

Универзитетот во Белград беше позициониран на 387-мо место на табелата, додека Бугарија и Словенија имаат по 2 факултети на листата.

Македонски универзитет во 2025 година немаше ни на Шангајската листа исто како што нема со години наназад.

Како дел од мерките за подобрување на студентскиот стандард, по најавување кое траеше година дена, на 17 ноември 2025 година започна аплицирањето за електронски ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди. Студентите на додипломски студии до 30 декември имаа шанса да набават комјутери, таблети или лаптопи од одредени продавници низ земјата.

Уште пред да започне доделувањето на ваучери, студентите на мастер студии се пожалија дека мерката е дискриминаторна и дека и они би требало да земат ваучер бидејќи се студенти.

Иако мерката не беше наменета на за нив, одреден број студенти на мастер јавија дека успеале преку платформата uslugi.gov да добијат ваучер. Кратко после тоа, добиле известување дека ваучерот им е поништен.

Од Владата уверија дека вуачери не добиле студенти на мастер, туку станувало збор за системска грешка и дека нема да фали ваучер за ниеден студент кој ги исполнува условите.

2025 година покажа дека македонското високо образование се наоѓа во фаза на постојан дијалог, но малку дејствување. Иако темите се отворени, проблемите именувани, а буџетите зголемени, студентите немаат осетено подобрени околности.

Прашањето што останува отворено е дали 2026 година конечно ќе донесе системски промени или образованието ќе продолжи да преживува на ентузијазмот на студентите.

Мета.мк