ДИЖС вели дека во „Усје“ не се утврдени неправилности, истовремено еко-активистите бараат мерки за цементарницата

Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) на прес-конференција рече дека во изминатата 2025 година се реализирани 1.700 инспекциски надзори, утврдени се 398 неправилности и издадени исто толку и решенија во инспекциска постапка. Покренати се над 30 прекршочни и 4 кривични постапки. За цементарница „Титан-Усје“, која периодов е во јавниот фокус, извршени се шест надзори, од кои два редовни и четири вонредни инспекциски контроли.

Според директорката Ивана Гиновска, последните вонредни надзори биле извршени на 18 ноември во 22 часот со инспектор за животна средина од Град Скопје и на 18 декември со инспектор за животна средина од Општина Кисела Вода.

„Притоа, не се утврдени неправилности во работата на овој правен субјект“, посочи таа.

Таа додаде дека изминатиот период била направена вечерна ненајавена контрола со инспектори од други градови и пишувачите на дозволата од Управата за животна средина, а биле реализирани и ненејавени вонредни мерења на емисии во воздухот со лабораторијата за животна средина при МЖСПП.

„Секој месец цементарницата доставува извештај за емисии во воздухот од сите емисиони точки. Исто така, двапати годишно доставува извештај од мерења кои ги извршува акредитирана лабораторија“, нагласи таа.

Гиновска потенцира дека надзорите продолжуваат континуирано и на секои 15 дена државниот инспекторат доставува извештај до работната група која е формирана од Министерството за животна средина и просторно планирање и го следи спроведувањето на Акцискиот план.

Прашана дали утврдиле од што доаѓа загадувањето во Град Скопје, дали од тешката индустрија, Гиновска рече дека индустријата секако загадува и оти сè што излегува од оџаците е загадување. Сепак, таа се повика на студија изработена од експерти и која се однесува на пет града каде што е вршено мерење и која покажува дека најголемо влијание врз амбиенталниот воздух во Скопје имаат домаќинствата, потоа се автомобилите и на трето место е индустријата.

На новинарска забелешка дали може да се резимира дека Усје не загадува, директорката Гиновска одговори спротивно.

„Не кажав дека цементарница ‘Усје’ не загадува или дека другите 40 А-интегрирани еколошки дозволи на територијата на Град Скопје не загадуваат. Половина од индустриските капацитети не работат во зимскиот период, А-интегрирани дозволи имаат и асфалтните бази кои поради временските услови не се во работа и не може да придонесат за емисии во воздухот за загадување во овој период од годината“, подвлече таа.

Гиновска кажа и дека инспекторите на министерството вршат контрола само над дозволата што им е издадена.

„Точно е дека ‘Усје’ има 24-часовен мониторинг со посебен уред од германска акредитирана лабораторија и не се во можност тие самите да си ги штелуваат бројките и податоците ги објавуваат на нивната страна“, рече Гиновска.

Фото: Влада

Директорот на Управата за животна средина Игор Никоски, образложувајќи ја постапката за издавањето на А-интегрирана еколошка дозвола, кажа дека на цементарницата на 7.3.2011 година е издадена А-дозвола за усогласување со оперативен план.

„На 22.3.2013 година издадена е интегрирана А-дозвола за усогласување со оперативен план во која дозвола е одобрено користење на алтернативни горива. По спроведување на целосната постапка на 12.3.2020 година издадена е А-интегрирана еколошка дозвола која има важност седум години. Најдоцна една година пред истекот на важноста операторот е должен да поднесе барање за обвновување на дозволата. Најдоцна до 12.3.2026 година Цементарница треба да достави барање за обновување на А-интегрирана еколошка дозвола“, посочи Никоски.

Како што рече тој, од крајот на 2018 година цементарница „Усје“ почнува да користи алтернативни горива како замена на фосилните горива, со стапка на замена од 15 отсто.

Зелен Хуман Град (ЗХГ), чија иницијатива за дислокација на „Усје“ беше прифатена од Советот на Град Скопје, денеска преку јавно соопштение прашуваат – „Зошто од 2023 година не е санкционирана ‘Усје’ и зошто молчи јавното обвинителство?“.

„Тука се прашањата за записниците и резултатите што ги објавија Министерство за животна средина и ПП и прашањата на кои не одговори Државен инспекторат за животна средина кога во 2023 година утврдија дека Усје загадува: Зошто вашиот инспектор не го оспорил извештајот со дневни мерења за ротирачката печка бр. 3 каде што недостасуваат цели 10 часа мерење и констатирал дека загадувањето е ‘во дозволени граници’?! Кој ги валидира мерењата на Усје? Тие самите?“, стои во реакцијата на ЗХГ.

 

Од таму велат дека „Усје“ до Државниот инспекторат за животна средина доставува месечни извештаи. Според ЗХГ, во тие извештаи не можат да се видат аномалиите кои се видливи на дневните извештаи.

„За да бидат веродостојни дневните мерења, во 24 часа мора да постојат податоци од мерења за минимум 16 часа. Ако не постојат мерења за минимум 16 часа, мерењата од тој ден се сметаат за невалидни. За да бидат веродостојни месечните мерења, не смее повеќе од 10 дена да има невалидни мерења“, велат од иницијативата која има свој советник во Советот на Град Скопје.

Го прашуваат министерството, каде се јавно достапни податоците од дневните мерења на сите 10 оџаци на Усје на кои е задолжително континуирано мерење?

„Колку години и ‘Усје’ и останати индустриски капацитети се толерирани и никој не покренал кривични постапки иако сте забележале огромни недостатоци во мерењата, дали стратегијата е да застари делото? Во дозволата на ‘Усје’ е јасно наведено дека фабриката е задолжена самостојно и без одложување да го извести надлежниот орган за секакво надминување на дозволените вредности на загаденост. ‘Усје’ не го направила тоа во 2023 година и ја прекршила обврската од дозволата, а со тоа го довела во ризик здравјето на скопјани. Поминаа 3 години, а ‘Усје’ не само што не е никако санкционирана, не само што не постои 24/7 мониторинг достапен на цела јавност во реално време, туку и загадувањето стана деловна тајна. Законски измени одма!“, стои во реакцијата.

Пред неколку денови, иницијатива Стоп за Усје објави свои барања, за кои рекоа ќе бидам официјално доставени до сите надлежни институции за понатамошно постапување.

Меѓу другото, бараат „Усје“ да инсталира CEMS систем за мерења, кои да бидат јавно и транспарентно достапни 24/7 за сите граѓани. Понатаму, да се ревидираат постојните мерки за прогласување вонредна еко-состојба, да се акредитира на државната лабораторија за мерење на аерозагадувањето, Цементарата да премине кон почисти енергенси, како и најстрого да се почитуваат мерките предвидени во интегрираната А-дозвола за спречување на фугитивната прашина.

На крајот на годината се одржа и протест пред цементарницата, на кој повеќе граѓани искажаа револт и побараа мерки за загадувањето во Скопје.

[Фото + видео] Граѓани на протест порачаа „Стоп за Усје“