Затрупани во отпад, дишиме ѓубре: Животната средина и минатата година беше последното гајле на политичарите

Загаден воздух, отпад и на улиците и во природата, заробени реки во мали хидроцентрали кои едвај произведуваат струја, но имаат добар профит, недефинирани заштитени подрачја кои се на дофат на узурпатори и „инвеститори“, слаба инспекциска контрола и хроничен недостаток на инспектори. Страшен пожар во кој гореа отпадна пластика и електронски отпад, но после кој ништо не е загадено во околината, ниту почва, ниту вода, ниту храна, пожар и на депонијата Вардариште, која е во рамките на градот, но никој досега не најде сила да ја исчисти, а камо ли да се справи со една група луѓе што си ја користат за бизнис. Продолжување на бетонизацијата на Охрид и Матка, развлекување на чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС и целосното потфрлање на чистењето на згурата од велешката топилница. Многу мазут во котлите на државните институции, многу лакирано дрво и мебел во печките на домаќинствата и многу јаглен во РЕК…

Како што пишува агенцијата Мета.мк, минатата 2025 година не беше многу поразлична во поглед на заштитата на животната средина во однос на претходните. Списокот може само да продолжи, истите негативни состојби се задржаа, а некои дури и се влошија. Чувството дека ова е последната тема која им е на ум на носителите на одлуки и понатаму е силно присутно. Заложбите за подобрување најчесто остануваат само на хартија, а добар пример за тоа е Планската програма за почист воздух 2024 – 2030, за која, откако беше донесена, ниту една институција не излезе да каже дали и која мерка е спроведена или почнала да се спроведува.

Минатата година, жителите на главниот град имаа можност да доживеат и криза поврзана со подигнувањето на отпадот од домаќинствата. Нешто што досега сите го сметавме за рутинска работа, за само неколку дена се претвори во катастрофа, која се закани на здравјето и животот на граѓаните. Дека системот и институциите слабо функционираат многупати сме доживеале и напишале, но ретко кога се случило стотици илјади граѓани истовремено да бидат оставени да се соочат со тони ѓубре на улиците, тротоарите, пред училишта, градинки и со стаорци и улични кучиња кои се хранеа со остатоци од храната. Тие слики беа нашето соочување со реалноста, дека чекајќи ја првата европска депонија, која заглави во тендерот за избор на изведувач, ние всушност, по прашањето на отпадот, сме многу назад во времето.

Не само депонијата, заглавени со години се и законите за води, за природа, за климатска акција, како и законите за прогласување нови заштитени подрачја, а со нив се заглавени и нашите надежи дека нешто брзо и ефикасно ќе се промени во животната средина, а ние ќе се почувствуваме поблиску до уредените европски држави.

Македонија нема закон за климатска акција, ниту, пак, Национален план за адаптација на климатските промени, не се знае колкави се емисиите на стакленички гасови, ниту пак какви се ефектите од мерките кои досега ги предвидела државата. Од почетокот на годинава стартува и обврската за плаќање на надоместок за јаглерод, кој, наместо во домашниот, ќе заврши во буџетот на ЕУ, бидејќи земјава не е подготвена и нема закон.

Државата последните две години не прогласи ниту едно ново заштитено подрачје, процесите за Белчишкото Блато, Студенчишкото Блато, Кожуф, како и репрогласувањето на Националниот парк „Маврово“ и споменикот на природата „Матка“, останаа незавршени. Неизвесна е и заштитата на реката Дошница, на која и се закануваат две мали хидроцентрали. Една од последните чисти реки во земјава со недели ја чуваше месното население, ја посети и Грета Тунберг, но опасноста од багерите не е помината, бидејќи Министерството за животна средина, кое, патем, четири месеци беше без министер, не се откажува од продолжување на концесијата.

И никако да излеземе од магичниот круг. Чекањето нешто да се смени ни стана вечност, кукањето по социјалните мрежи навика, а преземањето акција нешто што многу успешно го избегнуваме. Констатацијата дека системот не функционира е апсолвирана, но личната одговорност и личниот пример, мора да признаеме, исто така, не ни се јаката страна. Институциите ги водат луѓе, политичари, кои се многу комотни, оти со децении не знаат што е одговорност.

Како за крај, Европа не чека на нас. Додека ние дишиме ужасен воздух, и сме среќни кога концентрациите на PM10 и PM2,5 се на максимум од 50 микрограми на кубен метар или малку повеќе, новата европска директива отиде понатаму и постави уште построги стандарди, годишната граница за PM10 се намалува на 20 микрограми. Македонија го подготвува новиот закон за квалитет на амбиентен воздух кој се очекува оваа година, но која година ќе биде кога македонските градови ќе имаат чист воздух, тоа е тешко да се каже.

Мета.мк