На седницата одржана на 3.12.2025 година, Собранието распиша јавен оглас за избор на три члена на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието да избере стручни, независни и непристрасни експерти како членови на оваа Антидискриминаторска комисија.
„Комисијата, како независно тело за еднаквост, беше препознаена од Европската комисија како тело коешто значително контрибуира во заштитата на човековите права и слободи. Телата за еднаквост се клучни во заштитата, промоцијата и унапредувањето на човековите права и слободи, и директно се поврзани со европската интеграција на земјата“, нагласуваат од Мрежата.
По изгласување на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, велат оттаму, „сведоци бевме на избор на членови на Комисијата коишто не ги исполнуваат условите предвидени во Законот и во објавениот оглас“.
„Како што беше нотирано и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2025 година, именувањето на членовите на Комисијата треба да биде врз основа на способности и во согласност со законските услови. Па така, во пресрет на изборот на нови три членови на Комисијата, апелираме и бараме Собранието да внимава на изборот на членовите на Комисијата, коишто ќе постапуваат во случаи кадешто најмаргинализираните наши сограѓани ќе се охрабрат да ја пријават дискриминацијата“, велат од Мрежата.
Имајќи го тоа предвид, потсетуваат дека услови за избор се: да е државјанин на Македонија, да има стекнато 240 кредити според ЕКТС или VII/1 степен на образование и има минимум седум години работно искуство од областа на човековите права, од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација, во моментот на изборот со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна затвор од над шест месеци или забрана за вршење професија, дејност или должност, и да не е носител на функција во политичка партија.
„Истовремено, апелираме дека составот на Комисијата треба да има предвид соодветна застапеност, односно да вклучува лица со попреченост, жени и/или припадници на ЛГБТ популација“, посочуваат од Мрежата.
Како и претходните избори за членови на Комисијата, Мрежата за заштита од дискриминација внимателно ќе го набљудува изборот и ќе учествува во јавното претставување на кандидатите, со цел, како што велат, да осигура дека лицата-кандидати го имаат потребното законско искуство за членство во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.



