[Видео] Лупевска Созен: Во 2001 одев на ризични места и немав физичка закана, а сега преку Фејсбук секој може вербално да те напаѓа

Снежана Лупевска Созен е долгогодишна наградувана новинарка, сега и директорка на ТВ Телма, меѓу јавноста позната како лицето на „КОД“, емисија која истражува корупција, криминал и системски аномалии во Македонија.

Воедно, Лупевска Созен е и новинарката што во 2001 година, заедно со колеги, прва наиде на вооружени групи во Танушевци, на самиот почеток на конфликтот. Оттогаш се одбележуваат неполни 25 години.

„Ако немаш нешто тука (од внатре) да те тера да одиш, да откриваш и да истражуваш – тогаш го немаш вистинскиот новинарски адреналин. Јас видов еден текст во тоа време, мислам дека беше во ‘Фокус’, каде пишуваше дека е можно да постојат вооружени групи на северната граница на Косово, без да се лоцира каде се наоѓаат. Така што, тргнавме јас и снимателот Ристо Мишев, заедно со продуцентот Нехру Хоџа, кој имаше нов фотоапарат и сакаше да го испроба, велејќи ‘абе тој крај е многу убав, треба нешто да фотографираме’. Значи, сосема случајно ‘ајде да видиме што има таму’ и ‘дали навистина нешто има’“, раскажува Лупевска Созен.

Лупевска Созен во подкастот зборува за случувањата на терен, како била држена во селото, но и потоа во полицијата, каде не ѝ верувале што видела и доживеала во Танушевци.

Исто така, зборува генерално за тоа како било да се известува за конфликтот како новинарка, ама и како ја третирале луѓето околу неа.

„Како жена новинар, особено во мешана етничка средина, или таква (конфликтна) средина, јас не можам да кажам дека сум имала проблем, или насилство. Напротив, мислам дека сме се разбирале секогаш со збор. Искреноста е важна, пристапот, а тоа е искуството кое го носи годините новинарство. Што се однесува до насилството, некогаш е потешко да го трпиш тоа психичко насилство, кое во тоа време немаше социјални мрежи“, забележува таа.

Лупевска Созен прави паралела и за денешните случувањата и потребата за професионални медиуми, особено во време кога нема многу млади луѓе заинтересирани за новинарство.

„Оваа професија со текот на времето многу се обезвредни. Не им е толку атрактивна (на младите), затоа и толку малку се запишуваат (за новинарство). Меѓутоа, ние одиме на универзитетите како поискусни новинари за да им кажеме колку е интересна оваа професија, колку ти дава слобода на размислување, колку те надградува како човек, и колку различни луѓе и места можеш да посетиш и да информираш за нив. Јас ги охрабрувам, особено жените новинарки, ако се амбициозни… можат да напредуваат во кариерата. Многу ќе го збогатат своето знаење. Знаете, не е работата да си ѕвезда еден месец, два месеца, една година. И да имаш многу лајкови, и рилови, и да си јутјубер. Не, туку тоа треба да го одржуваш. И само со работа може човек да опстане во оваа професија. Јас сум триесет и кусур години новинар, а 18 години го имаме ‘КОД’ како истражувачка емисија“, посочува Лупевска Созен во видео-интервјуто.

Подкастот е снимен во соработка меѓу Радио МОФ и Pro Peace.

Бојан Шашевски