Магла на скопскиот аеродром, до пладне слетале само два авиони, откажани 20 летови

Поради маглата која и денеска е присутна во скопската котлина, на Меѓународниот Аеродром Скопје има намалена видливост што резултираше, во периодот од полноќ до 12 часот напладне, авиокомпаниите да откажат 20 и да пренасочат еден лет, информираат од аеродромот, пренесува агенцијата Мета.мк.

„По 11 часот слетаa авионите од Дортмунд и од Виена, а во моментов се очекува да полета авионот за Хамбург. Согласно со временската прогноза од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во преостанатиот дел од денов, како и во текот на утрешниот ден“, посочуваат од ТАВ Македонија.

Информираат дека, со оглед на тоа што временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија има свој праг на толеранција на намалена видливост, сите патници треба да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од нивната авиокомпанија.

„Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен, работи без разлика на временските прилики, а нашиот персонал, со нашата аеродромска опрема и аеродромски системи се подготвени да ги услужат и авионите и патниците. Сите капацитети му се во функција, ние сме отворени за авиосообраќај и чекаме Метео-службата на М-НАВ, како институција во чија надлежност се навигациските системи во авиосообраќајот, да нè извести дека има подобрување на временските прилики – и нас како аеродромски оператор и авиокомпаниите, чии пилоти ги носат одлуките дали ќе слетаат или ќе се пренасочат на друг аеродром зависно од моменталната минимална видливост која самата авиокомпанија одлучила дека ја прифаќа“, посочуваат од ТАВ.

Додаваат дека нивниот персонал работи 24 часа секој ден, а информации за промените во редовниот распоред на летовите може да се добијат на шалтерите и на телефонската линија + 389 2 3148 333.