Со Социјалниот центар „Дуња“ овој четврток на 11 декември, со почеток од 20 часот, ќе настапат со заеднички сет Мартин Џорлев (гитара), Нинослав Спировски (саксофон, кларинет) и Мартин Георгиевски (електроника).
„Мартин Џорлев е широко препознаен по својот значаен придонес кон локалната и регионалната сцена, особено преку успехот на инди-рок/пост-панк бендот ‘Луфтанза’. Неговата кариера започна како дел од различни музички состави и проекти, како што се ‘Zulu 3.4’, ‘Lufthansa’, ‘Стој, После!’ и ‘Животни’, кои оставија белег на македонскиот креативен пејзаж“, се вели во најавата
За Нинослав Спировски пишува дека е македонски фри џез кларинетист и саксофонист, дел од генерацијата што го поттикна новиот бран на импровизирана музика во земјава.
„Како еден од најактивните учесници на сцената, застапува личен израз и оригиналност надвор од традиционалните џез шеми. Најпознат е по работата со ‘Светлост’ и ‘Светлост + Одрон Ритуал Оркестра’, а учествува и во бројни други состави“, стои во најавата.
Мартин Георгиевски, пак, настапува како „Amplidyne Effect“ од 2009 година, а фокусиран е на електронска, амбиентална и експериментална музика, претежно во форма на импровизирани сесии.
„Има издадено бројни изданија, а музиката ја изведува соло и со бендови како ‘Post Global Trio’, ‘Meissa Ionis’, ‘ТРИМА’ и ‘Светлост + Odron Ritual Orchestra’. Настапувал на ‘Pohoda Festival’ во Словачка, ‘PNEM Soundart Festival’ во Холандија, ‘De:sonanz’, ‘Скопскиот џез фестивал’ и многу други“, пишува во најавата.
Влез е препорачана донација за артистите.



