Културна детоксикација – Самоиницијатива ’25 на 6 декември во Куманово

Во Занатскиот дом во Куманово во сабота, 6 декември, од 14 часот, па се’ до полноќ ќе се одржува целодневен културно детоксирачки настан, каде ќе има промоција на независни уметнички дела, на книга, проекција на филм и на крај свирка со бендови.

Уште дента ќе почна ново издание на „Фијук саем“, настан за промоција на независно издаваштво инициран од колективот „Матријаршија“ од Белград, со цел да се собере на едно место што поголем број на мали издавачи кои се бават со уметничка продукција и издаваштво на книги, фанзини, весници, цртежи, скици, слики, фотографии и музика.

„Целта е нивна промоција, поврзување, вмрежување, и поголема видливост. Истиот се шири во овој формат, и под оваа име и во Хрватска, Шведска и Словенија, со повремени настани кои привлекуваат значителен број на публика, задолжително подржана со музичка програма“, стои во најавата за „Фијук саем“.

Исто така, планирана е и промоција на книгата „Rock’n’beat“ од Мишко Грбевски.

„Педесетина интевјуа од дведецениска новинарска кариереа на Грбевски во неколку пречатени медиуми, дневни весници и неделници (‘Екран’, ‘Ритам’, ‘Време’, ‘Нова Македонија’). Книгата има шетири циклуси- ‘Рок пролет’, ‘Вечен бунтовник’, ‘Валкан Балкан’ и ‘Звукот на подземјето’“, пишува во најавата на организаторите „Art Attack Festival“ и „Boiling Point“.

Воедно, во дневната програма е планирана и проекција на документарниот филм „Борби со ветерници“.

Филмот е режиран од Борјан Гаговски и претставува една година во животот на уметничкиот „Колектив Ветерница“, кој работи со деца и лица со типичен и атипичен развој на театарски претстави, уметнички инсталации и музички и танцов перформанси.

Од 21 часот е планирана музичката програма. На музичкото мени е „Елизабета Бам“ од Загреб – музичко творештво што тропа, вика и создава бучава каде и да оди уште од февруари 2022 година.

„Со спојување на панк, алтернативен рок и гранџ со слоевити стихови и игра на зборови, таа зборува за апсурдноста на нашето секојдневие – слично како и драмскиот писател Даниил Хармс, по чија претстава бендот го добил името. Песните се агресивни, но динамични, каде меките и етерични делови лесно преминуваат во гласни и моќни рифови што не оставаат никого рамнодушен!“, се вели во најавата.

Митско Биќе“ е инди/„бедрум“ музички и визуелен проект од Белград што го започна Јован Илиќ во 2019 година. Од ноември 2022 до јуни 2023, „Митско Биќе“ објави шест видео синглови заедно со локалниот бенд „Кинески ресторан“, кои заедно го сочинуваат ЕП изданието „Tužne pesme u slatko-kiselom sosu“ (Kontra, 2023).

Во текот на 2023 година, проектот добива форма на бенд, со цел заедничка работа на нови песни и градење на ‘Митско Биќе’ како колектив. По две години продукција и снимање, бендот самостојно го објави својот дебитантски албум „Доšlo vreme da se Biće menja“ во јуни 2025 година.

Меѓу настапувачите е и „Хајка“ од Скопје, млад бенд што свири моторичен спој од панк и пост-панк со танц елементи, препознатлив по возбудливи, каприциозни настапи и минимализам што преку иронија ѝ се спротивставува на тривијалноста.

„Со импресивен број домашни свирки и три изданија зад себе – ЕП ‘Непрекинато движење’, дебито ‘Антиталент’ и албумот ‘Мека машина’ (2023) – нивната експлозивна енергија прераснува во незапирливо движење. На сцена испорачуваат контролирана бучава и брза динамика што те крева од подот, со фронтмен кој ритуално ја води публиката и гитари што пулсираат пост-панк напон. ‘Хајка’ се подготвени за следниот поголем чекор“, пишува во најавата за „Културна детоксикација – Самоиницијатива ’25“.

Настаните се поддржани од Општина Куманово и Фондација за спорт и култура Куманово.

Бојан Шашевски