Социјалните мрежи се клучни канали за ширење говор на омраза, при што најголем дел од штетната содржина ја генерираат приватни лица. Веднаш зад нив се онлајн медиумите што објавуваат сензационалистички и неетички содржини, покажа Извештајот од Мониторингот на говорот на омраза во Северна Македонија на здружението „Иновативни медиуми“ за периодот од 1 јануари 2024 година до 30 јуни 2025. Наодите од мониторингот кој е направен во соработка со Фондацијата Метаморфозис од страна на медиа мониторката Деспина Ковачевска, покажуваат колку всушност длабоко е вкоренет говорот на омраза во јавниот дискурс во Северна Македонија, а етничките, политичките и родово базираните наративи доминираат, при што често се преплетуваат и меѓусебно се засилуваат, пренесува агенцијата Мета.мк.

Фото: Скриншот од извештајот
Главна цел се етничките малцинства
Анализата на регистрираните 138 случаи, покажала дека етничките малцинства, посебно Албанците, и понатаму се главна цел, при што често се прикажуваат на начин што ги дехуманизира или стигматизира.
„Се применуваат изрази како „рак“, „Шиптар“ и „племе“ за да се создаде наратив на заплашување и перцепција дека „Македонците се жртви што ја изгубиле контролата врз сопствената држава“. Во таквиот наратив, манифестирањето омраза кон Албанците се изедначува со патриотизам, а нивното прифаќање или прифаќањето на други маргинализирани групи, како на пример ЛГБТИК+ лица, се прикажува како предавство. Кога сето ова ќе се спои со идеализираната слика за „патриот“ што не го прифаќа актуелното име на државата, ги презира Албанците и сексуалните малцинства, строго ја следи религиозната доктрина и се придржува кон конзервативни семејни вредности, се создава јасна поделба на Македонците во две категории: „вистински патриоти“ и таканаречени предавници или „Северџани“, наведено во извештајот.
Понекогаш дури и прославите и националните симболи се користат како средство за поттикнување говор на омраза и на нив се гледа негативно. За време на прославите во Скопје на 28-29 ноември 2024 година на социјалните мрежи се појавија видеа на кои можеше да се види палење и сквернавење најпрво на македонското знаме, а потоа и на албанското, што предизвика етнички тензии и говор на омраза. Медиумите и политичките чинители придонесоа за ширење на овие содржини, а тоа дополнително ја влоши ситуацијата.

Фото: Принтскрин од извештајот
Жените навредувани поради нивните приватни животи
Родот, исто така, се јавува како доминантна категорија, при што многу од случаите имаа јасна родова димензија, особено во однос на жените. Иако мониторингот опфати медиуми и на македонски и на албански јазик, речиси и немаше разлики во случаите на родово базиран говор на омраза.
„Во двата медиумски простора најчесто жените беа критикувани и навредувани врз основа на нивниот приватен живот наместо врз основа на нивните професионални квалитети. Ова покажува дека независно од етничката припадност, чувството за родова еднаквост сè уште не е доволно развиено и дека штетните стереотипи за однесувањето и улогите на жените остануваат длабоко вкоренети во јавниот дискурс. Медиумите дури и не мора директно да објават говор на омраза, доволно е во насловот да ја споменат етничката припадност или да известат за сензационализирана лична приказна или понекогаш дури и еден обичен настан е доволен за да се предизвика бран на коментари на омраза“, пишува во извештајот.
Ова ги одразува длабоките поделби во општеството и анонимноста на социјалните мрежи, каде што луѓето се чувствуваат дека може да кажат сè без да сносат последици. Од друга страна, ја истакнува итната потреба од ефективно модерирање на коментарите и содржините, како и од зајакнување на медиумската писменост на населението што и понатаму лесно подлегнува на манипулации и омраза.
„Меѓу овие приватни лица често се појавуваат политичарите што ги користат своите профили за поттикнување омраза, било преку креирање инциденти или преку споделување ставови што се нивни лични, а не официјални и институционални. Потоа медиумите ги преземаат и ги пренесуваат овие изјави како вести, со што се зголемува нивниот досег. Ваквата практика, заедно со отсуството на санкции, создава простор во кој, иако постојат закони против говорот на омраза, нивното спроведување во голема мера зависи од политичката волја или од субјективните морални процени“, наведено е во заклучокот од извештајот.
Отсуството на одговорност овозможува говорот на омраза да опстанува и да ги продлабочува поделбите и непријателството. Ова дополнително ја нагласува итната потреба од позитивни наративи што ќе понудат алтернативни перспективи и ќе ѝ се спротивстават на штетната реторика.
Извештајот е направен во рамки на Мрежата за известување за разновидност (RDN), a e финансиран од Европската Унија и регионалниот проект „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан“, спроведен од „Centar za promociju civilnog društva“ (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ) и финансиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка (NMFA).



