Објавен албумот „На Балкан, сам” на „Животни“

Излезе новиот албум на музичарот и мултиинструменталист Мартин Џорлев („Луфтанза“, „Стој, после!“) прв од проектот „Животни”, насловен „На Балкан, сам”.

Се работи за албум што содржи девет песни. Напишан е од Џорлев и правен заедно со музичките другари Раде Биковски (дополнителни инструменти и аранжмани) и Александар Галевски (тапани), а објавен под капата на „Мртов коњ“ – независната издавачка куќа на колективот „Гола планина“.

„’Животни’ (именка и придавка) се родени во Балканската пролет, спремни да ја опејат и (барем малку) да ја обелоденат. Против геноцидот, глобалниот апартхејд и отровните, трули политички партии во оваа држава и пошироко. Сите сме животни, со желба за дом. Со желба да не мора да си заминеме.

Љубовта сама песни пои, за нас.

[Правда за Кочани.
Правда за студентите во Србија.
Стоп за национализмот и братоубиството на Балканот.
Слободна Палестина | Слобода за Палестина.
Слобода за секој, сешто и секое место од ужасните раце на капитализмот и неговите најупорни поддржувачи и одржувачи.
Без аштозатоаизам ниту кадебевтекогаизам!]“, стои во инфото за албумот.

„На Балкан, сам” може да се преслуша, поддржи и симне преку Бендкемп-от на „Мртов коњ“, или на „Јутјуб“:

На албумот со свој вокал учествува Елена Васова во песната Црна Гора. На истата тема, но и на „На Балкан“ има виолина на Оле Здравковска Шундиќ. Дополнителни вокали на песната „Камен“ се на Мае Јосифовска и Александар Галевски. Оригиналниот концепт на „Брег“ е на „Малард“ и Мартин Џорлев.

Албумот е продуциран од Раде Биковски и Џорлев, кои воедно и го снимаа албумот во подрумот на Мартин, но и студиото „Алшар“, со помош на Ивица Јанкуловски и Антонио Трчкоски.

За омотот на албумот беше задолжена Елена Билбиовска и Марко Печеновиќ за негова техничка обработка.