Употребата на електронски цигари кај младите пораснала за 10% за четири години, поради што мора итно да се реагира, апелираа доктори од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на настан во „Даре Џамбаз“
Во 2020 година, 21 отсто од младите кажале дека употребуваат електронски цигари, а во 2024 тој процент се искачил на речиси 30 отсто, според истражувањата на ИЈЗ.
„За 10 години употребата на класични цигари останува иста, но е зголемена кај новите кои се популарни кај младите. Постојат големи системски пропусти што дозволиле овие производи да бидат привлечни кај младината. Тоа се должи на широкото рекламирање насекаде, бидејќи сѐ уште не се целосно регулирани со Законот за заштита од пушење. Со вкусовите, со боите, со нивната лесна достапност и неконтрола на нивната продажба, па и нивното рекламирање по социјални мрежи, речиси сите инфлуенсери, блогови, подкасти имаат спонзори од овие прозводи“, рече д-р Мартин Петровски од ИЈЗ, пренесe СДК.мк.
На настанот беше нагласено дека се потребни брзи, ефективни мерки со кои би се заштитиле здравјето и иднината на младината, создавајќи средина што ги намалува ризиците.
Притоа, потребна е координација меѓу институциите, училиштата, здравствениот сектор и семејствата со цел решавање на проблемот.
Според статистиките на Институтот за јавно здравје, 45,4% од граѓаните се активни пушачи. Тоа е значително повеќе од регионот за Европа кој изнесува 25 проценти.
Тутунот предизвикува повеќе од 5.000 смртни случаи и чини 5,6% од БДП годишно.
Неодамна од „Аналитика“ порачаа дека треба да се почитува законската регулатива и на малолетните да не им се продаваат цигари, откако на настан беше кажано дека 40 % од младите до 18 години пушат, а децата веќе на 13 години возраст стартуваат со цигари.
Прва цигара на 13 години – пушат над 40% од младите, покажуваат анализите
„Штом толку мали ја почнуваат таа навика значи веќе многу е веројатно дека тие и во нивниот подоцнежен период ќе станат пушачи. Треба да работиме на превенција на овие лоши навики, а не пак да имаат претстава дека новите производи што се нудат на пазарот, како електронските цигари, се некоја ‘безбедна варијанта’ која нема да им пречи. А, според новите студии не се така безбедна варијанта на цигарите“, укажа Тамара Мијовиќ Спасова од „Аналитика“.
Mинистерката за образование Весна Јаневска посочи дека годинава со законските измени основните и средните школи се задолжени покрај програми за заштита од насилство, дискриминација, малолетничка деликвенција и сл., да спроведуваат и програми за превенција од злоупотреба на алкохол, тутун и дроги.
„Во новата учебна година ќе се обучат 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 основни училишта за реализација на превентивната програма ‘Вештини за адолесценција’“, рече министерката.
Ако се гледаат бројките на Светската здравствена организација, на светско ниво тутунот годишно убива над 7 милиони луѓе, од кои 1,6 милиони се од „пушење од втора рака“, т.е. непушачи. Потоа, како комерцијален и социјален хит, е алкохолот со кој се поврзуваат отприлика 2,6 милиони смртни случаи годишно, додека 0,6 милиони случаи се проценуваат на употребата на дроги.
Бојан Шашевски



