„Стоп за дискриминација и насилство поради попреченост или хендикеп“ – протест на родители во паркот „Жена борец“

Под мотото „Стоп за дискриминација и насилство поради попреченост или хендикеп“, утре 28 октомври, во 11:55 часот, група родители на лица со попреченост и инвалидитет ќе одржат мирен протест во паркот „Жена борец“ пред Собранието на Македонија.

„Причина за мирниот протест е регистриран случај на дискриминација, психичко и физичко насилство врз лице со Даунов синдром, вработено во јавна установа. На прес-конференцијата пред мирниот протест ќе бидат презентирани информации за постапката, односно дисциплинската мерка која е во тек“, посочуваат родителите.

Тие нагласуваат дека пријави се поднесени во Комисија за спречување и заштита од дискриминација, Државен инспекторат за труд и МВР – Скопје.

„Прес-конференцијата и мирниот протест имаат за цел да ја алармираат јавноста и институциите дека ваквите случаи се неприфатливи во едно општество кое се стреми кон инклузија и човекови права“, стои во најавата за протестот.