Над пола млади имале искуство со корупција, а една четвртина споменуваат поткуп за оценки, покажува ново истражување

Над половина, односно 54% од младите имале директно или посредно искуство со корупција. 30% споменуваат случаи на купување дипломи, а 24,3% поткуп за оценки. Истовремено, 70% од младите велат дека образованието не третира теми за корупција и притоа 69,6% се чувствуваат демотивирани поради корупцијата. Поразувачки е и тоа што само 8% од младите имаат доверба дека институциите се борат против корупцијата. Најмала доверба изразуваат кон судството, политичките партии и јавната администрација – сектори што, според нив, се најмногу погодени од коруптивни практики. Воедно, 51% би пријавиле ако постои доверлив механизам и 50,7% би користеле мобилна апликација за пријавување. 

Ова се резултати од истражување меѓу млади на возраст од 16 до 26 години, спроведено во средни училишта и факултети во три плански региони: Скопскиот, Полошкиот и Југоисточниот.

Резултатите ги презенираше „Аналитика“, во соработка со Иницијатива за граѓански интеграции (ИГИ) од Гостивар и Организација на жени од Струмица (ОЖС), на настан од проектот „Младите во Македонија: клучна алка во градење општество без корупција“.

Настанот ги обедини младите, институциите и граѓанските организации со една заедничка порака: младите не молчат – тие дејствуваат.

„Корупцијата не е далечен или апстрактен проблем, туку нешто што директно ги демотивира младите, им ги одзема шансите и ја нарушува нивната верба дека трудот се исплати“, рече директорката на „Аналитика“, Бојана Мијовиќ Христовска.

Претседателот на Сојузот на економисти на Македонија, Борче Треновски подвлече дека цената за корупцијата ја плаќаме сите – преку поскапи и послаби јавни услуги, пониски плати, намалена доверба во институциите и засилена миграција.

„Превенцијата, дигитализацијата на институциите и фокусот на младите се меѓу најпрактичните и најодржливите решенија. Промената мора да започне од младите – од училниците, факултетските клупи и од маалото. Интегритетот и чувството на припадност кон својата земја треба да станат стандард на новите генераци“, додаде тој, потсетувајќи дека без политичка волја, длабоки структурни реформи и личен пример, младите ќе продолжат да се соочуваат со изборот – да чекаат, да се приспособат или да заминат.

Фото: Аналитика

Според Милка Тримчевска, директорка на Бирото за развој на образованието, борбата против корупцијата не е само задача на државата – туку заедничка одговорност на секој ученик, родител, наставник и граѓанин.

„Образованието ќе продолжи да ги поддржува и промовира овие иницијативи – затоа што образованието не учи само, туку и воспитува“, нагласи таа.

Инаку, на настанот беше претставена и мобилната апликација „Глас против корупција“, наменета за анонимно пријавување корупција од млади.

„Со сигурен и доверлив механизам, претставува реален чекор кон мобилизација, отчетност и активна граѓанска улога во борбата против корупцијата“, велат од „Аналитика“.

Од таму заклучуваат дека време е за институционална и граѓанска храброст во поглед на корупцијата.

„Младите се свесни, мотивирани и подготвени да делуваат – но бараат простор, доверба и поддршка. Сега е моментот институциите, училиштата и општеството да ги препознаат како сојузници, а не набљудувачи во борбата против корупцијата“, констатираат од „Аналитика“.

Бојан Шашевски