„N-Deck Collective“ настапува во „Ла Кања“

Во „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија утре, сабота 4 октомври, од 22 часот настапува „N-Deck Collective“.

„Екипа со променлив состав и со непроменлива идеја за музичка интеракција помеѓу музичари со различни искуства и контексти, поврзани преку заеднички интерес за звучна авангарда, амбиентални структури и слободна интерпретација. Парадоксот на бродот на Тезеј во креативен контекст“, стои во најавата за музичкиот настан.

На овој концерт во состав се Димитар Додовски – електроника, Нинослав Спировски – тенор саксофон и Игор Темелковски – електроника.

Димитар Додовски е продуцент и визуелен уметник од Битола. Има издадено повеќе соло албуми и соработувал во проекти како „Post Global Trio“, „Moss Garden“, „Niskogradba“, „Dérive Dub“ и „Private Mountain“. Последниот албум Mineralmusik ја одбележува 20-годишнината од неговото музичко творештво.

Нинослав Спировски е македонски фри џез кларинетист и саксофонист, дел од генерацијата што го поттикна новиот бран на импровизирана музика во земјава. Како еден од најактивните учесници на сцената, застапува личен израз и оригиналност надвор од традиционалните џез шеми. Најпознат е по работата со „Светлост“ и „Светлост + Одрон Ритуал Оркестра“, а учествува и во бројни други состави.

„Како да се дефинираат соништата, убавината и љубовта? Како да се дефинира копнежот и слатката меланхолија? Како да се нурнеш во возвишените мистерии на животот и да ја научиш неговата алхемија?“, се вели во најавата.

Игор Темелковски, музичкиот уметник под псевдонимите sin:us, umbrarium и H:N:C, не може да ви ги даде одговорите на овие прашања, но сигурно, преку неговите звучни предели, е трасиран вистинскиот пат на оваа вечна потрага по просветлување.

Настанот претставува отворена звучна сесија што произлегува од моменталната интеракција помеѓу учесниците, без однапред зададена форма или композиција“, стои во соопштението за концертот.