Унгарците „Empty Story“ вечер свират во „Ла Кања“

Во клубот „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија вечер, 1 октомври, од 21 часот ќе се случи настап на „Empty Story“.

„Придружи ни се на мрачна ноќ исполнета со звуците на пост-панк културата. Главниот настап на вечерта, ‘Empty Story’, ќе ги донесе своите хипнотички мелодии од Унгарија, длабоко вкоренети во традицијата на пост-панк и дарквејв звукот“, стои во најавата.

„Empty Story“ е унгарски пост-панк бенд од Бекешчаба. Бендот е основан во 2021 година и е инспириран од руските пост-панк бендови како „Molchat Doma“, „Ploho“, „Nürnberg“, како и од класичните готик рок бендови „Bauhaus“ и „The Cure“.

„‘Empty Story’ ја комбинира студеноста и осаменоста со стилскиот звук на рускиот пост-панк. Нивните песни зборуваат за животот во постсоветскиот простор со сите негови обележја: панелни згради, телевизија што пере мозок и потиснувачка рутина. Бендот го открива и романтизира светот на обичниот човек што живее во станот до вас. Неговото наизглед незабележливо секојдневие добива живописни облици со меланхолична сенка полна со носталгија по 80-тите и 90-тите години“, се вели во најавата за свирката.