Блокада на Стоп за Вардариште утре наутро поради неисполнување на нивните барања

Иницијативата Стоп за Вардариште информира дека во петок, 26 септември, освен закажаниот протест во 18 часот, ќе се одржи и утрински протест со почеток во 7:30 часот. Протестот ќе биде со блокада на мостот „Близнаци“ кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба.

„Ги повикуваме работодавците да покажат разбирање и толеранција кон вработените кои евентуално ќе задоцнат на работа и ги замолуваме возачите на разбирање. Го преземаме овој чекор поради истекување на рокот од 5 дена, кој го дадовме за започнување на исполнување на итните барања“, истакнуваат од иницијативата.

Тие бараат воспоставување 24-часовен јавно достапен видео-надзор на депонијата Вардариште, воспоставување 24-часовно физичко обезбедување на Вардариште, итно иселување и соодветно згрижување на лицата кои живеат бесправно на територијата на Вардариште, поставување на ограда околу Вардариште, започнување на процес за конечно затворање на Вардариште, откривање и казнување на потпалувачите и организаторите на пожарите, како и ригорозни мерки против граѓани и правни субјекти кои ќе продолжат да фрлаат отпад во Вардариште.

„Барањата беа доставени до претседателката на Македонија, Владата на Македонија, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, Министерство за социјални политики, демографија и млади, Град Скопје, Општина Гази Баба и Општина Аеродром. До сега, не добивме одговор од ниту една институција“, посочуваат од Стоп за Вардариште.

Оттаму ги повикуваат сите граѓани да се приклучат бидејќи, како што велат, чист воздух е приоритет за сите нас.