Јапонското дуо „heavenphetamine“ турнејата ја завршува во „Ла Кања“

По концертите во Србија, БиХ, Црна Гора и Косово, јапонското дуо патува за Македонија.  На 25 септември ќе настапуваат во Социо-културниот простор Тетово, ден потоа на 26-ти ќе свират во Прилеп во „Калинка“, за на крај турнејата да финишира со концерт во клубот „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија, со почеток од 21 часот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by 5060 (@5060gram)

За последниот концерт во Скопје, како што објаснува кураторот и продуцент Ѓорѓи Јаневски, во текот на вечерта, на импозантниот ѕид на Чифте Амам, ќе бидат проектирани експериментални филмови на јапонскиот режисер Тошио Матсумото.

Јаневски посочува дека „heavenphetamine“ се Хироки Ода (синтисајзер/вокали) и Сара Ода (тапани/вокали).

„Свират музика која е истовремено прецизна и непредвидлива. Ги синхронизираат тапаните со електронски синт секвенци и луп педали, создавајќи хаос од дисциплина и слобода во кој се раѓаат композиции што пулсираат како техно, но задржуваат панк енергија и органски звук. Мелодичните вокали на јапонски внесуваат дополнителна интимност во нивниот музички универзум (краут, психоделија, пост-панк, есид хаус) во кој жанрот е само хемиска состојка за дожувување и препуштање“, стои во најавата за концертот.

Двојката го напушти родното Токио во 2021 година и оттогаш практично живее на турнеја. Досега имаат свирено на повеќе од 150 концерти во 37 земји, носејќи ја својата музика насекаде, од сквотови до големи фестивали како Tallinn Music Week Trans Musical Festival.

„Редовно настапуваат во градовите на Украина погодени од војната и снимаат со локални музичари. Нивниот прв долгосвиречки албум ‘The Sun on a Winter Day’, снимен во Киев среде воздушни напади и прекини на струја, беше објавен во август 2024 година од украинската издавачка куќа Kontrabass“, се вели во најавата на концертот.

Со ова започнува концертниот серијал на современа и експериментална музика, насловен: „ПРЕΔИЗВУК: од хаос до хармонија“.

Учество на концертот е 200 денари. Дизајн на постерот е Тања Вукобрат, додека фотографијата ее на Артур Бизенко.