Македонската пејачка Елена Васова е годинешната добитничка на наградата „Милан Младеновиќ“, која вечерва (недела, 21 септември) ја додели истоимената Задужбина во Макарска, во рамки на фестивалот „Модро и зелено“.
Солистката Елена Васова, која е родена во 2000 година во Скопје и низ својот музички пат има поминато хорови, опери и концерти, во оваа конкуренција влезе со песната „Љубов“. Песната е правена заедно со Ненад Стефановски и Ади Имери, а учествуваат и Петар Лукиќ, Мартин Џорлев и Милош Спасов.
„Фала ви многу. Јас навистина не го очекував ова. Не знам искрено што да кажам. Ви благодарам што давате еден простор и платформа и не’ препознавате – ‘the underdogs’. Ние, што сакаме нешто да направиме, да кажеме нешто искрено и да шириме љубов. Ви благодарам!“, кажа Васова по доделувањето на „Милан Младеновиќ“.
Наградата традиционално беше доделена на 21 септември, на роденденот на југословенскиот гитарист, пејач, текстописец и композитор, а е трета година по ред како се организира во Макарска. Овој хрватски град на Јадранското море е од исклучителна важност за растењето и творештвото на Милан Младеновиќ. Фронтменот на „Екатерина Велика“ е роден во Загреб, живеел во Сараево и Белград, додека летата ги поминувал токму во Макарска, родното место на неговата мајка Даница.
Како што беше најавено, покрај паричната награда во износ од 3.000 евра, за добитничката Ивана Васова следува посебна статуетка во соработка со „Futro Design Studio“, како и настапи на релевантни регионални фестивали.
Ретроспективно гледано, добитник на првата награда, доделена во 2019 година, беше белградскиот бенд „Артан Лили“. Вториот лауреат беше српската група „д р а м“ во 2020, следната 2021 година наградата ја понесоа „Ана енд Д Чејџес“, исто така од Србија, додека во 2022 година лауреатката беше од Македонија – Дина Јашари со песната „Дома“.
Првата награда доделена во Макарска ја однесе групата од Панчево „Љубичице“, а актуелни лауреати се „Немечек“ од Хрватска. Токму „Немечек“ ја имаа честа вечерва да го пренесат музичкиот факел на новата победничка во вид на статуетка.
View this post on Instagram
Инаку, Задужбината „Милан Младеновиќ“ го отвори седмиот конкурс за наградата на 1 мај. Под слоганот „Prijavi svoju stvar“, натпреварот траеше месец дена – до 31 мај. Право да се пријават имаа автори и изведувачи од сите земји од територијата на поранешна Југославија, со песна чиј текст е на еден од јазиците што се зборуваат во овој регион, вклучувајќи ги и малцинските јазици.
Наградата „Милан Младеновиќ“ е основана со цел да се поттикне музичкото творештво што се карактеризира со вредностите својствени на уметничкото наследство на Милан.
Бојан Шашевски