Словенците „BibliBan“ настапуваат во „Ла Кања“

Во Старата скопска чаршија во „Ла Кања“ утре (петок, 19 септември) од 21 часот ќе гостува составот „BibliBan“ од Словенија.

„‘BibliBan’ се фјужн-панк трио од Словењ Градец кое го претвора секој нивен настап во театар на енергија и апсурд. Нивната музика е груба, бучна и непредвидлива – хаос кој држи сопствен ритам и логика, доволно јасни за да ве вовлечат, но никогаш целосно да ви дозволат да ги предвидите“, соопштува Марија Јаќовска, промотерката на свирката.

Таа посочува дека на 19 септември во „Ла Кања“ ќе го донесат овој своевиден „контролирано-неконтролиран“ спектакл.

„Ако барате едно последно големо размрдување пред почетокот на ладните есенски месеци, се гледаме“, стои во најавата за настанот.

Инаку, „BibliBan“ го објавија својот деби албум „Na, Na, Na, Na, Crazy!“ во октомври минатата 2024 година и вклучува 14 песни. Триото го сочинуваат Филип Клеменц, Јани Смолар и Тадеј Кац.

Присуство за свирката е 200 денари.