Вселување во студентски дом во Македонија трае повеќе од 12 часа, реагира УСС УКИМ

Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) со загриженост реагира на неповолните услови и недоволната организација при процесот на вселување во државните студентски домови, кој започна на 9 септември.

„Најголеми гужви и проблеми се забележаа во студентските домови ‘Гоце Делчев’ и ‘Пелагонија’, каде што дел од студентите беа принудени да чекаат повеќе од 12 часа – од преземање на документи до добивање на соба – на температури над 25 степени“, велат од УСС при УКИМ.

Според нив, студентите заслужуваат достоинствен прием и современи услови уште од првиот ден на нивниот престој во студентските домови.

Па оттука, тие бараат: отворање на повеќе пултови за преземање на документи, за да се намали времето на чекање и да се обезбеди побрз прием; поголем временски интервал меѓу објавувањето на конечните резултати и самиот почеток на вселувањето, за домовите да можат навремено да се подготват; присуство и активен мониторинг од страна на Министерството за образование и наука на самото место, за да се гарантира правилна и фер распределба на собите; како и дигитализација на процесот на вселување, со што би се намалило времето на чекање и би се вовеле современи стандарди во управувањето со домовите.

„Универзитетското студентско собрание на УКИМ е подготвено да предложи студенти кои би помогнале во целиот процес на вселување, а апелираме институциите да развијат соработка со факултетите, кои можат да понудат стручна поддршка за дигитализација на системот“, порачуваат од студентското собрание.