Вечер со Олга Панкина на 15 септември во ДПМ

Во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) на 15 септември, со почеток во 19 часот, ќе се одржи „Вечер со Олга Панкина“ – преведувачка, поетеса и промоторка на македонската книжевност и култура.

„Воедно, со оваа вечер ќе бидат одбележани два значајни јубилеи: педесет години од основањето на Лекторатот за македонски јазик во Московскиот државен универзитет „Ломоносов“, и петнаесет години од отворањето на Македонскиот културен центар во Москва“, велат од ДПМ.

Вечерта ќе ја отвори претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски, кој Олга Панкина ќе ја претстави како директорка на Македонскиот културен центар во Москва, по што беседа за нејзината поезија и за нејзините есеи ќе одржи поетот Ефтим Клетников. Со Олга Панкина ќе разговара новинарката и модераторка на настанот, Катерина Богоева.

Олга Панкина студирала на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ (1975-1980) каде што дипломирала со одличен успех по струка: филолог, стручњак за словенски јазици и литератури. Била на подолго стажирање во Македонската академија на науки и уметности. Дипломската теза ја подготвила со научно менторство на акад. Блаже Конески. Во текот на 1985-1987 година ја извршувала функцијата главен уредник и преведувач во Државниот комитет на Русија за радио-телевизија, додека од 1994 до 2011 година работела како преведувачка во Амбасадата на Република Македонија во Руската Федерација. Во периодот од 2007 до 2011 година, предавала македонски јазик на Меѓународниот словенски институт и на Академијата за словенски култури во Москва. Ја уредувала рубриката за Македонија во литературно-уметничкото списание „Меценат и свет“ што се издава во Москва.

Таа пишува поезиjа и кратка проза на руски и на македонски jазик. Авторка е на поетските збирки: „Предзимје”, „Паралелни светови“, „Плисок“, „Меѓусебна потрага“, „Тапан на пат“ и на  збирката раскази „Сината птица“. Објавила и трудови од областа на македонистиката: над 80 научни реферати и статии како и книгите есеи: „Размислувања за литературата“ и „Македонската книжевност низ призма на преводот“. Таа е авторка на повеќе статии за Македонија во разни руски списанија. Нејзиниот научен интерес лежи во доменот на современиот македонски јазик, лексикографијата, теоријата и практиката на преведување од и на словенски јазици.

Панкина е авторка на преводите на 78 посебни книги од македонски писатели, како и на преводите на творби (поетски, прозни, драмски, критичко-есеистички) од 300 македонски писатели презентирани во рамките на антологиски избори, панорами и одделни објави. Како авторка на проектот „Библиотека на литературата на Македонија” , таа приреди, преведе и обезбеди средства за печатење на антологиите: „Македонски раскази“ (2009, застапени 50 македонски раскажувачи), „Современа македонска драма“ (2010, застапени 8 драматурзи), „Современа македонска поезија“ (2011, застапени 64 поети) – досега најрепрезентативни изданија на македонската книжевност на руски јазик. Таа е авторка и на значајниот проект „Македонскиот роман на 21 век“ што го реализира во соработка со Серуската државна библиотека за странска литература „Рудомино“. Првите седум романи од таа едиција: „Храпешко” од Ермис Лафазановски, „Водената пирамида” („Патот на јагулите“) од Луан Старова, „Дваесет и првиот. Книга на фантазми“ од Томислав Османли, „Азбука за непослушните“ од Венко Андоновски, „Маџун“ од Влада Урошевиќ, „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски, „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски се објавени во периодот од 2014 до 2023 година во Москва во нејзиниот превод.