Со документи, торби и куфери во раце, стотици студенти денеска чекаа ред пред студентскиот дом „Гоце Делчев“ за да можат да се вселат во нивните соби. И годинава како и минатите, вселувањето и приемот не се дигитализирани, па примените станари се принудени физички да чекаат ред со часови, додека стасаат до своите легла, пишува агенцијата Мета.
Мета поразговара со некои од студентите, кои рекоа станале во 4 часот за да стасаат на време.
„Сите овие студенти што ги гледате овде, чекаат ред само за да земат документи. Нè чинеа 500 денари. Откако ќе ги земеме, треба да ги пополниме и да ги однесеме кај управникот. Цело утро сум овде, многу бавно се одвива сè. Лани стасав на ред дури во 18 часот навечер, а чекав од 9 утрото. Добредојдовте во Македонија“, револтирано ни кажа една студентка.
Меѓу нив имаше и студенти кои биле одбиени, па беа дојдени да поднесат приговори.
„Јас сум дете на самохран родител и не знам од кои причини сум одбиен за вселување. Дојдов да поднесам приговор бидејќи ме ставиле на списокот за во „Пелагонија“, иако јас таму сместување не побарав“, ни рече студент од Битола.
Засега нема план за дигитализирање на целиот процес на вселување. Александар Каровски, директорот на Државниот студентски дом – Скопје, под чија капа е „Гоце Делчев“, како и „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ (кои не примаат студенти поради реновирање), вели дека разговарал со студентите за дигитализација, но засега нема ништо ново.
„Разговаравме за ова со студенти од ФИНКИ, но тоа е поголем зафат, тешко е за кратко време да се направи таков систем. Лично мислам дека треба да се покрене тоа прашање. Така би се аплицирало полесно. Најголем проблем е што студентите аплицираат во МОН, а ние сме одговорни за сместувањето. Ако ние го вршиме приемот, сè ќе биде поедноставно. Во однос на дигитализирање на целиот процес, се плашевме дека ако не е добро направен, може да се случи да се блокира. За ова треба да се седне и да се разговара и со студентите и со одговорните во МОН“, вели Каровски за Мета.
На 9 мај 2022 година, одговорните во Државниот студентски дом – Скопје најавија целосна дигитализација на студентската евиденција. Сепак, оваа новина сè уште не е воведена.
„Уписот во студентски дом ве асоцира на чекање во долги редици, обемна документација и безброј банкарски уплатници? Отсега, истото ви е достапно со само неколку клика на нашата еко-веб страна: www.dsdskopje.mk при почеток на академската година. Овозможуваме целосна дигитализација на студентската евиденција!“, стои во нивната објава на Фејсбук од 2022 година.
Вселувањето во државните и приватните студентски домови за студентите од втора и повисоките години ќе трае во наредните десет дена.