Колаж клуб на Мрежа Стела – настан посветен на креативно справување со предизвиците на дигиталното родово базирано насилство, ќе се случи утре, 10 септември, со почеток во 18 часот во кафекнижарница „Илика“.
„Додека полека се збогуваме со летото, го започнуваме септември со креативност, разговор и заедничко дејствување. Овој клуб е наменет за сите креативни личност кои сакаат да ја искористат својата имагинација во борбата против насилството, или пак бараат простор каде што креативноста и имагинацијата се неограничени. Заедно ќе создадеме уникатен шпил карти преку колаж, при што секоја карта ќе носи порака, мисла или одговор на штетните реалности на дигиталното насилство. Ова заедничко дело ќе послужи како алатка за подигање на свеста и зајакнување на солидарноста“, раскажуваат од женската менторска Мрежа Стела.
Како што истакнуваат тие, присутните можат да очекуваат креативна сесија на правење колажи, рефлексија и дружење.
„Не е потребно претходно искуство – само понесете ја вашата Pinterest Board“, додаваат од Мрежа Стела, повикувајќи заедно преку креативен активизам да се покрене свеста за опасностите и предизвиците од дигиталното родово базирано насилство.
„Преку нашиот Прирачник за справување со родови дезинформации и родово-базирано насилство во дигиталниот простор ќе информираме за препознавање на дигиталното насилство и родовите дезинформации и како може да се справиме и да делуваме за безбеден простор за сите“, велат тие.
Регистрацијата за сите учесници е на следниот линк .
Настанот се одржува во рамките на регионалниот „Defend the right to be yourself“ со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Франција во Македонија.