Проблеми поврзани со инфраструктура, паркови и зеленило, јавно осветлување, како и отпад и чистота се најчестите прашања кои граѓаните ги адресирале до своите општини преку апликацијата „мЗаедница“. Забелешките на граѓаните, преку овој канал на комуникација директно стигнуваат до надлежните во општинските служби, што им олеснува на жителите кои сакаат да се обратат до локалните власти, го скратува времето на комуникација и ги зголемува можностите за решавање на проблемите, пишува новинската агенција Мета.
„мЗаедница“ – дигитален мост помеѓу граѓаните и општините
Најголем дел од прашањата оваа година, поставени преку „мЗаедница“, околу 23 отсто, се однесуваат на проблемите поврзани со улиците и состојбата со општинската инфраструктура. Седумнаесет отсто од забелешките на граѓаните се однесувале на состојбите со зеленилото и парковите, а 13 отсто на функционирањето на јавното осветлување. Голем дел од поплаките биле и за проблемите со отпадот и јавната чистота во општините.
Покрај пријавувањето на конкретни проблеми со кои се соочуваат во својата општина, преку „мЗаедница“ граѓаните можат да предложат и решенија, да поддржат и споделат пријава на друг сограѓани, да аплицираат за субвенции или други јавни услуги, да учествуваат во анкети, како и да добиваат навремени информации за активностите на својата општина.
Искуства од општините
„За општините, мЗаедница претставува моќна алатка за прибирање податоци и анализа на потребите на граѓаните. Општинските администратори можат во реално време да ги следат пријавите, да видат кои сектори се најчесто засегнати, колкав е процентот на решени проблеми и да ја подобрат својата ефикасност и транспарентност. Со тоа се зголемува довербата на граѓаните и се намалува просторот за арбитрарност или ситна корупција“, велат од Блинк 42-21, креатори на мЗаедница.
Апликацијата, започна како пилот во Општина Карпош во 2018 година, денес е активна во 11 општини во Македонија, а од оваа година и во една општина во Албанија.

Фото: Блинк 42-21
„Во изминатиот период се зголемува бројот на корисниците, а секако и бројот на пријавени проблематични ситуации. Бројот на пријави се движи околу десетина во текот на една седмица“, велат од Карпош и додаваат дека апликацијата овозможува полесен пристап до општинските служби, особено што може да се користи на мобилни телефони.
Граѓаните на Општина Валандово ја користат “мЗаедница” за пријавување проблеми и предлог идеи, а најчесто за аплицирање на повици за субвенции, како и за предлози по однос на креирање на годишен буџет на Општината. Досега се пристигнати околу 30 пријави, најчесто за комунални и инфраструктурни проблеми, околу 20 предлог идеи и над 150 барања и пријави по повици за субвенции.
„Се трудиме да им овозможиме на граѓаните подостапни и потранспарентни услуги, а Општината за возврат да добива побрзи и поточни информации за да може да ги приоритизира своите одлуки и политики,“ велат од Валандово.
Практиката покажува дека различни општини ја користат мЗаедница на различен начин. Некои ја користат главно за комуникација и следење на пријавите од граѓаните. Други одат чекор понатаму и дигитализираат услуги како аплицирање за субвенции, финансиска поддршка за студенти, велосипеди, социјална помош и слично, а најновата функционалност е за дигитални јавни консултации.
„Од сите апликации за комуникација со граѓаните што биле користени во Општина Кочани, мЗаедница е најприфатената, што се должи на можностите што ги нуди за граѓаните да пријават проблеми, да понудат решенија, да примаат новости, да аплицираат за субвенции и најновата можност за јавна консултација со прашалници, односно анкети,“ велат локалните власти, иако нагласуваат дека одредени граѓански групи сѐ уште преферираат да тропнат на вратата на градоначалникот за да пријават проблем, бидејќи сѐ друго им изгледа далеку од решавање на нивните потреби.
Иако е едноставен, овој начин на комуникација понекогаш претставува предизвик за Општината бидејќи пријавувањето проблеми не оди со архивски број од институцијата, што бара утврдување процедура како пријавите од граѓаните да патуваат низ одделенијата и секторите во Општината.
Дигиталната платформа „мЗаедница“ од годинава е новина во работењето на Демир Хисар, а 21 граѓанин имаат креирано профили и доставуваат предлози и барања кои најчесто се однесуваат на инфраструктурни и комунални проблеми. Општината работи на зголемена афирмација бидејќи, со оглед на ограничените човечки и технички ресурси со кои се соочуваат општините, платформата во голема мера помага за зголемување на капацитетите за дигитална трансформација на локалната самоуправа.
Мила Јосифовска Даниловска од Фондацијата Метаморфозис смета дека целта е граѓаните активно да се вклучат во донесувањето на одлуки на локално ниво преку иновативни дигитални алатки како што е „мЗаедница“.
„Во рамки на проектот „(ДИГИЛОК) Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција“ препознаваме дека искористувањето на придобивките од дигиталните технологии може значително да ја унапреди транспарентноста и намали корупцијата која граѓаните ја препознаваат како најгорлив проблем. Од таа гледна точка, сузбивањето на корупцијата е суштинско за зголемување на довербата во институциите, заштитување на демократијата, промовирање правичност и добро управување“, вели Јосифовска Даниловска.
„мЗаедница“ се користи и во Општината Аеродром каде досега пристигнале над 2500 конкретни предлози, пријави и барања, а најчести теми што ги засегаат граѓаните се прашања поврзани со уредување на јавните површини, одржување на зеленилото, јавното осветлување, инфраструктурни проблеми во урбаните заедници, како и предлози за подобрување на сообраќајот. Од локалната власт сметаат дека платформата претставува позитивен чекор кон дигитализација и значајна алатка во комуникацијата со граѓаните и е вреден инструмент за носење одлуки, бидејќи нуди директен увид во реалните и тековните потреби на заедницата.
„Граѓаните често се обраќаат и преку други комуникациски канали што им се блиски и познати, како што се социјалните мрежи, особено Фејсбук, но и други форми на поврзување што не се дигитални, како телефонски јавувања, средби со градоначалникот или разговори со претставници на урбаните и месните заедници. Тоа уште еднаш покажува дека е важно локалната самоуправа да остане флексибилна и достапна на различни платформи, онаму каде што граѓаните се најактивни,“ велат од Аеродром.
Нови можности и идни предизвици
Проектот „Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција (ДИГИЛОК)“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Преку него од оваа година и граѓаните на Струга, Демир Хисар и Неготино имаат можност да ја користат „мЗаедница“.

Фото: мЗаедница
Истовремено, во сите општини каде што е активна алатката, граѓаните можат да ја користат новата, подобрена верзија, која е полесна за користење за различни категории на граѓани и за локалната администрација. Новите функционалности овозможуваат граѓаните со повлекување лево или десно на секоја пријава автоматски да ги селектираат оние кои се од нивен интерес. Со секое повлекување на десно даваат поддршка на пријавата со што влијаат на бројот на граѓани кои се заинтересирани или го имаат истиот проблем. Исто така, со новата функционалност за анкети, сега имаат и нова можност за онлајн учество во јавни консултации. Општините можат да планираат и креираат прашалници на различни теми од интерес на заедницата, а граѓаните на лесен и едноставен начин да го дадат своето мислење и да ги следат резултатите.
Новата верзија на платформата исто така на општините им дава информации за трендовите, потребите и интересите на заедницата базирани на податоци и овозможува навремена и редовна двонасочна комуникација во стратешкото планирање.
Од Блинк 42-21 посочуваат дека целите кои се постигнуваат со „мЗаедница“ се зајакнување на граѓаните, на кои им се дава реален глас во креирањето на локалните приоритети и полесно учество во процесите на одлучување, подобрување на општинската ефикасност и транспарентност преку дигитализација на дел од јавните услуги, појасно следење на проблемите, побрзо реагирање и поефикасна администрација, како и намалување на ризикот од ситна корупција, преку дигитализација на услугите и отстранување на потребата од директен личен контакт при секој административен процес.
„Вистинската примена на дигитализацијата на локално ниво зависи од човечките и техничките капацитети на општините, нешто што во Македонија е ограничено, но и од спремноста на вработените во локалните самоуправи да ја прифатат како алатка за унапредување на своето работење, а не како дополнителен терет. Заради тоа Блинк 42-21 им обезбедува целосна техничка поддршка, за општините да можат да се фокусираат само на администрирање преку платформата. Организираме и сеопфатни обуки за дигитализација и подобрување на дигиталната писменост на локалната администрација како и подршка во промоција на локалните акции кои општините можат да ги реализираат преку мЗаедница“, велат во Блинк 42-21.