Премиерата на документарецот „Време, вода, наследство: Охрид“ од Илија Пиперкоски за 70 години Охридски пливачки маратон ќе се случи денеска, 18 август, со почеток во 21:15 часот во предворјето на црквата „Св. Софија“ во Охрид.
„’Време, вода, наследство: Охрид’ е динамичен документарец за 70 години Охридски пливачки маратон – спорт што ја мери човечката издржливост, волја и амбиција. По сценарио и режија на Илија Пиперкоски, филмот преку ретки архивски материјали и нови интервјуа со легендите Дики Бојаџи, Теодора Раптис, Томи Стефановски, Евгениј Поп Ацев, и 11-кратниот победник Петар Стојчев, ја реконструира еволуцијата на маратонот: од пионерските години и подвигот на Атина Бојаџи на Ла Манш, до славните деведесетти и денешните предизвици“, се вели во соопштението.
Како што пишува таму, со филмот патуваме преку маратоните од Охрид до Бејрут, Александрија, Капри-Неапол, Санта Фе и Парана во Аргентина, за да разбереме зошто секој маратонец сака да победи токму тука – на Охридскиот пливачки маратон и што е потребно за да се роди следната генерација на маратонци.
Сценариото и режијата се на Илија Пиперкоски, монтажата на Никола Ристов, а сниматели се: Данчо Стефков, Фејми Даут, Зоран Ставрев, Димко Саздов и Виктор Крстаноски.
Продуцент е Данчо Стефков, а за дизајнот на звук се погрижи Дарко Спасовски.
Учесници во филмот се Кочо Паскали, Ристе Савин, Зорица Нестор, Горан Стојановски, Дики Бојаџи, Томи Стефановски, Теодора Раптис, Евгениј Поп Ацев и Петар Стојчев.