Со распишувањето на локалните избори за 19 октомври 2025 година, а врз основа на наодите од истражувањето „Мерење на политички штетни наративи (ШТЕТ-НА)“, Институтот за комуникациски студии (ИКС) ги повикува сите учесници во изборниот процес да ги почитуваат стандардите и начелата на етична политичка комуникација и на професионално медиумско известување. Предизборната и изборната кампања е време на интензивна реторика кога политичките партии и независните кандидати ги претставуваат своите програми и во која се вкрстуваат различни ставови.
„Тргнувајќи од поразителните наоди од мониторингот на парламентарните избори во 2023-2024 година во кои политичките актери најчесто посегнуваа по штетните наративи: поттикнување недоверба во институциите на системот, напади на личност/демонизација на политичките противници, пристрасна селекција, поттикнување поделби и популизам, ИКС ги потсетува лидерите на политичките партии, нивните кандидати и независните кандидати на одговорноста што ја имаат во јавната и политичката комуникација. Нивните пораки и начинот на коишто комуницираат со јавноста и со нивните политички противници ја креираат сликата за политичката култура и јавниот дискурс, но и ги креираат моделите на однесување и вредности“, велат од ИКС.
Овој апел, додаваат од Институтот, секако не значи ограничување на слободата на изразување или цензура. ИКС ги охрабрува политичките актери на здрава, сеопфатна и аргументирана критика за деструктивните процеси, поткрепена со факти и докази.
„Сите политички чинители во изборниот процес, како и именуваните и избраните лица се обврзани да ги почитуваат начелата на: транспарентност, на професионалност и непристрасност во комуникацијата, на комуникација базирана на докази, на етична комуникација, како и на начелото на неширење на говор на омраза и дискриминаторски говор“, посочуваат оттаму.
Воедно, ИКС ги потсетува и медиумите, но и другите субјекти кои можат да влијаат на јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми (инфлуенсери, проверувачи на факти и сл.) да ги почитуваат професионалните етички новинарски стандарди.
„Медиумите се должни да информираат за политичката понуда и обезбедат плурализам на мислења, обезбедувајќи ѝ на публиката доволно информации и контекст отколку да бидат само неми пренесувачи на спротивставените политички ставови и обвинувања. Со тоа, тие свесно или несвесно стануваат катализатори за штетната реторика и засилувачи на поларизацијата во општеството и недовербата во институциите“, поентираат од Институтот.