Зелена народна стража: Македонија нема да биде рударска колонија

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини објави нов нацрт-закон за Рударство, претставувајќи го како закон за стратешки развој на Македонија. Меѓутоа, како што смета иницијативата Зелена народна стража, со овој закон правно се поништува народната волја и води кон еколошка катастрофа што ќе нѐ погоди сите, без разлика дали живееме до рудник или во главниот град.

Од иницијативата нагласуваат дека нацрт-законот е објавен на платформате ЕНЕР за јавна расправа, а преостануваат уште 9 дена на граѓаните и експертите да го изразат својот став.

„Еве го нашиот: Македонија не е нечија лична сопственост за да се расфрлате со неа!  Македонија сме ние, народот и ова парче плодна земја на кое живееме. Овие планини, полиња, шуми, реки, извори на сѐ она што ни го дава животот во неа. Поради тоа, Македонија не ја даваме! Концесии од пола век за рудници нема да има!“, стои во соопштението на иницијативата.

Во продолжение, интегрално го пренесуваме јавното соопштение на Зелена народна стража:

НЕ го прифаќаме овој предлог-закон за Рударство поради следните спорни точки:

1.Централизација на одлуките во Владата

Владата ќе ја има клучната улога да определува кои минерални суровини се „стратешки“ и „критични“ (член 5). Тоа значи дека без никаква јавна дебата или независна експертска проценка, една политичка гарнитура може да прогласи било која суровина за стратешки интерес и да ја отвори вратата за експлоатација!

2.Долг рок на концесии и нивно продолжување

Концесиите за експлоатација ќе можат да траат 30 години + уште 30 години продолжување (член 11). Практично, тоа значи дека едно приватно (домшано или странско) правно лице може да стопанисува со ресурси и територии од Македонија повеќе од пола век!

Ова е опасно бидејќи ја заклучува судбината на цели региони за генерации, без реална можност граѓаните подоцна да ја променат одлуката!

3.Експропријација на приватно земјиште

Член 10 дозволува доделување концесии и на приватно земјиште, при што инвеститорот може да поведе постапка за експропријација. Ова директно удира по правото на сопственост на граѓаните!

Дозволена експропријација на приватно земјиште значи дека и покрај тоа што си сопственик на земјиште, можеш да бидеш иселен од својот имот ако државата реши дека под тебе има руди и треба да се отвори рудник (во име на „стратешки интерес“).

Со ова, граѓаните се соочуваат со ризик не само да го загубат својот имот, туку и да живеат покрај рудници со токсична прашина, експлозии и токсични јаловишта.

4.Привилегии за државни и странски компании

Член 13 предвидува дека јавни претпријатија и компании со државно учество (сите државни/државно контролирани фирми) ќе можат да добијат концесија без јавен повик! Тоа отвора врата за политички влијанија и клиентелизам.

За државни/општински патишта, хидро-објекти и „европски коридори“, концесијата оди по барање, без класичен натпревар; а по склучување договор експлоатацијата почнува веднаш, без посебна дозвола за експлоатација (член 14 (9)).

Дополнително, странски компании со подружници регистрирани во Македонија имаат исто право како домашни фирми, што значи дека богатството на земјата може лесно да се изнесува надвор!

5.Исклучоци за опасни рударски технологии, јаловишта и „исцедок“

Член 8 (став 5) забранува концесии со лужење/флотација со цијаниди и сулфурна киселина во нови рудници со отворен коп, НО ја дозволува практиката за веќе постојните рудници (став 6). Ова создава „двојни стандарди“ и дозволува опасни технологии да продолжат да се применуваат!

Вака поставениот закон ги остава вратите отворени за ризик од пукање јаловишни брани; контаминација на подземни/површински води; тешки метали во нашата почва и вода; респираторни заболувања, дерматолошки проблеми и неповратна загуба на биодиверзитет!

6.Уништување на животната средина и рударство како трајна еколошка закана

Законот признава „загадување“ и дека рударството произведува огромни количини јаловина и токсичен отпад, но наместо превенција, нуди само управување со „ризик“ и ги остава вратите широко отворени за ризикот од кој се плашиме да се случи!

Рударските јаловишта и таложни езера се вистински еколошки бомби кои можат да пукнат и да предизвикаат трајно загадување на цели региони. Во светот има бројни трагедии каде вакви системи се урнале и уништиле цели реки и села неповратно!

Во суштина, народот губи двапати:

Прво, му се зема правото да одлучува за сопствените ресурси.

Второ, му се зема здравата средина и иднината: чиста вода, плодна почва, воздух без отрови.

Законот ја продава иднината на Македонија под параванот на „усогласување со европски регулативи“ и „стратешки интерес“, но реално претставува закон за колонизација на ресурсите во интерес на корпорации, а на штета на граѓаните!

Ни го одзема правото да решаваме за нашите ресурси и го претвора нашиот пејзаж во долгорочна рударска зона. Затоа рудници на смртта нема да има!

Ќе го слушнете гласот на народот, сакале или не!

Ве повикуваме сите јасно да кажеме „не“ за рудниците на смртта: регистрирај се и коментирај“, соопштуваат од иницијативата.