Израел најави дека ќе ги сели жителите на градот Газа, пред да ја започне офанзивата која на најави премиерот Бенјамин Нетанјаху. Од денесна на жителите на Газа ќе им бидат обезбедени шатори и друга опрема за да се засолнат, пред да бидат преместени од борбените зони на југ од енклавата за да се обезбеди нивната безбедност, соопшти израелската војска, пренесува агенцијата Мета.
Ова доаѓа неколку дена откако Израел соопшти дека има намера да започне нова офанзива за преземање на контролата врз северниот град Газа, најголемиот урбан центар на енклавата, дом на околу 2,2 милиони луѓе што предизвика негодување во меѓународната јавност.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатата недела изјави дека пред да ја започне офанзивата, цивилното население ќе биде евакуирано во она што го опиша како безбедни зони од градот Газа, кој го нарече последно упориште на Хамас.
Опремата за засолништата ќе биде префрлена преку преминот Керем Шалом во јужна Газа од страна на Обединетите нации и други меѓународни организации за помош, откако ќе биде проверена од персоналот на Министерството за одбрана, соопшти војската.
Портпарол на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарните прашања изрази загриженост во врска со плановите на Израел да ги премести луѓето во јужна Газа, велејќи дека тоа само ќе го зголеми страдањето.
Но, телото на ОН го поздрави признанието на Израел дека засолништето е очајна потреба и дека шаторите и другата опрема за засолниште ќе бидат повторно дозволени во Газа.
„ОН и нејзините партнери ќе ја искористат можноста што се отвора“, рече портпаролот.
ОН во четвртокот предупреди дека илјадници семејства кои веќе се соочуваат со ужасни хуманитарни услови би можеле да бидат доведени во уште потешка состојба ако планот за заземање на градот Газа продолжи.
Палестински претставници и претставници на Обединетите нации изјавија дека ниедно место во енклавата не е безбедно, вклучително и областите во јужна Газа каде што Израел им нареди на жителите да се преселат.
Војската одби да коментира кога беше прашана дали опремата за засолниште е наменета за населението на градот Газа, кое моментално се проценува на околу еден милион луѓе, и дали местото каде што ќе бидат преместени во јужна Газа ќе биде областа Рафа, која граничи со Египет.
Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац, во саботата изјави дека плановите за новата офанзива сè уште се формулираат.
Палестинската милитантна фракција Исламски џихад, сојузник на Хамас, изјави дека објавата на војската како дел од нејзиниот брутален напад за окупирање на градот Газа, е очигледно и дрско исмејување на меѓународните конвенции.
Сепак, израелските сили веќе ги засилија операциите на периферијата на градот Газа во текот на изминатата недела. Жителите во населбите Зејтун и Шеџаја пријавија силен израелски воздушен и тенковски оган.
Жителите таму, исто така, пријавија експлозии во текот на денот, како резултат на израелското тенковско гранатирање на домовите во источните делови од населбата.
Израелската војска во петокот соопшти дека започнала нова операција во Зејтун за лоцирање експлозиви, уништување тунели и убивање милитанти во областа.