Колку младите навистина се чуствуваат вклучени во политичките процеси во Македонија? Како се информираат за политика и дали ја разбираат? Дали нивниот глас се слуша, дали имаат доверба во институциите, и што ги спречува да бидат поактивни граѓани? Ова се само дел од прашањата на кои ќе се бара одговор преку националното истражување „Младинските ставови за политиката“.
„Здружение на граѓани ‘Младите можат’ започнува со спроведување на национално истражување ‘Младинските ставови за политиката’, кое има за цел да обезбеди реална слика за политичката култура и учество на младите, да се идентификуваат главните бариери за нивна вклученост и да се креираат препораки за засилување на нивната улога во демократските процеси во Македонија“, велат од „Младите можат“.
Според нив, во време кога младите често се нарекуваат „аполитични“, ова истражување ќе ја открие вистината – дали младите навистина не се заинтересирани, или едноставно не се слушнати? Колку навистина им е важно да имаат свое место во општеството, и што би промениле доколку имаат шанса?
Истражувањето е структурирано во пет тематски целини: Активизам, граѓанско учество и локални проблеми; Политичко образование и писменост; Учество на младите во политиката; Доверба во политичката сцена и институциите; Избори и гласање.
Достапно е онлајн, на македонски јазик и албански јазик.
„Ги повикуваме сите млади од Македонија на возраст од 18 до 22 години да учествуваат во истражувањето и да дадат свој придонес кон градењето на една поинклузивна и одговорна политичка сцена“, додаваат од „Младите можат“.
Истражувањето се спроведува во рамки на проектот „All for You(th)“, поддржан од Европската комисија.