Над 200 илјади автомобили повеќе се возат низ македонските улици и патишта во споредба со периодот од пред една деценија, а тоа значи дека сè повеќе се зголемува уделот на издувните гасови од сообраќајот во аерозагадувањето, се вели во групната сторија на Здружението на новинарите на Македонија.
Ако во зима, најголем загадувач е загревањето на дрва, во лето тоа е сообраќајот. Во Македонија лани (2024 година) биле увезени вкупно 59.530 патнички автомобили, од кои 69,9 проценти биле половни. Податоците на Царинската управа покажуваат дека станува збор за најголем број увезени автомобили во текот на една година од 2010 година наваму.
Сѐ повеќе автомобили, сѐ помалку здив во главниот град
Главниот град, во последните неколку години, не може да се пофали со јавниот превоз, а уште помалку со чист воздух. Податоците за аерозагадувањето се поразителни.
При објавувањето топ-листи со најзагадени градови во Европа, но и во светот, Скопје несомнено се наоѓа меѓу најлошите десет, а често е и меѓу првите пет според воздухот што е отровен за дишење, со честички штетни десетици пати повеќе од границите пропишани од Светската здравствена организација.
Освен од она што не може да се промени, местоположбата, аерозагадувањето во овој град доаѓа и од сообраќајот, покажуваат низа домашни и меѓународни истражувања.
Од Град Скопје се познати препораките до граѓаните: возилата да не се користат без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило и да се користи јавниот превоз. Но, скопјани, се чини, со право негодуваат дека често работното место им „виси на конец“ ако се потпрат на јавниот превоз.
„Јавниот превоз, во изминатите години, толку често крахираше од низа причини што долго време ќе треба да се врати довербата на граѓаните во него. Засега автобуските линии не ги задоволуваат барањата на граѓаните“, споделува скопјанката Јана В., која со години патува до работното место со јавен превоз.
Инаку, во Скопје, во 2023 година се регистрирани вкупно 214.775 патнички моторни возила, според податоците од МВР, од кои 491 се електрични.

Сообраќајот во Скопје (Фото: Маја Терзиова)
Горјан Јовановски, советник во Советот на Град Скопје и долгогодишен екоактивист, смета дека градот дефинитивно нема направено многу во поглед да се поттикне алтернативниот сообраќај. Според него, јавниот превоз функционира со многу тешкотии, не се одржува зеленилото, неплански се прават улиците, а голем дел од велосипедските патеки се користат за паркинг.
По „дрвата“, автомобилите најголеми загадувачи во Куманово

Возила во централното подрачје на Куманово (Фото: Александра Максимовска)
По согорувањето биомаса, во Куманово, сообраќајот е вториот најголем извор на загадување на воздухот, покажувајќи придонес во текот на целата година, со значително зголемување во летните и во есенските месеци. Годишниот релативен придонес на сообраќајот изнесува 25 проценти од вкупната маса на честички (ПM 2,5), при што месечните релативни придонеси варираат меѓу 6,6 и 53,1 отсто, покажуваат истражувањата спроведени во рамки на проектот „Справување со аерозагадувањето“, кој го спроведуваат УНДП и Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со лабораторијата АБМБИКОН, а тој почна во 2023 година.

Графиконот е преземен од истражувањето на АМБИКОН (за Куманово), 2023-2024 година
Главно, овој извор доаѓа од емисијата од издувни гасови, абење на сопирачки и гуми, како и од согорувањето нафта во стари дизел-мотори (трактори, товарни возила, стари патнички возила) или мотори што немаат соодветна заштита, вели Афродита Зенделска, професорка на Факултетот за природни и технички науки при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Што преземаат општините?
Локалните самоуправи што не инвестираат во квалитетен јавен превоз, несомнено имаат зголемен ризик од аерозагадување, со оглед дека тоа придонесува за поголемо користење сопствени возила.
Во Куманово се преземаат мерки за да се намали нивото на загадување и се реализираат повеќе мерки, велат од локалната самоуправа.
„Воведувањето на јавниот градски превоз е една од мерките за намалување на аерозагадувањето“, изјави Сандра Георгиевска-Протиќ од Одделението за животна средина при Општина Куманово.
Таа додава дека електрификацијата на возилата во малите општини е важна, но потребно е да се комбинира со други мерки.
„Субвенциите на тротинети и велосипеди може да има ефект, ако голем број граѓани ги заменат автомобилите, но ако користењето остане симболично или за рекреација, влијанието врз аерозагадувањето ќе биде минимално. Има многубројни примери, ‘Зелена зона’ и ограничување на стари возила – пример Софија (Бугарија)“, вели Протиќ.
Каков е квалитетот на воздухот во Крива Паланка, воопшто, а не само од сообраќајот, до скоро не се ни знаеше затоа што немаше мерења на аерозагадувањето.
Општината годинава (април 2025), за првпат доби сензори за следење на квалитетот на воздухот. Мерните станици се поставени на општинската зграда, а граѓаните преку веб-страницата на општината можат во секое време да го следат квалитетот на воздухот.
Со оглед дека општинската зграда е лоцирана во непосредна близина на главната улица во градот, каде што има најголема фреквенција на сообраќај, мерењата покажуваат дека нема поголема опасност од штетните честички во воздухот, односно индексот на квалитетот на воздух во повеќето денови покажува умерено ниво (до 25,30) на суспендирани ПМ честички.
Засега надлежните велат дека немаат доволно средства за подетални и пообемни истражувања за оваа проблематика.

Главна сообраќајница во Крива Паланка (Фото: Христина Стојановска)
Крива Паланка, според последниот попис во 2021 година, има 18.059 жители (6.984 домаќинства), а во 2024 година има вкупно 5.159 регистрирани возила, од кои само едно е електрично. (Извор: ДЗС).
Oпштина Прилеп, пак, има поставена автоматска мониторинг станица за квалитетот на амбиенталниот воздух, која континуирано ги следи измерените вредности на загадувачки супстанции. Емисиите на стакленички гасови настануваат кога се согорува гориво, електрична енергија, топлинска енергија, суровина/енергенс, индустриски процеси, создавање и третман на отпад, како и емисии од земјоделски активности. Процентуалното учество на сите сектори во вкупните емисии на стакленички гасови за Општина Прилеп покажува дека секторот стационарна енергетика и транспорт имаат најголем удел, со речиси 88 отсто од емисиите, од кои на транспортот отпаѓаат 43 проценти, информираат од Општина Прилеп.
Таму е почнато спроведување на проектот „Climate Bridges“, чија цел е да го подобри спроведувањето на зелените политики на локално ниво и да ги намали емисиите на стакленички гасови, преку стимулирање соработка меѓу чинителите, промена на однесувањето и спроведување одржливи практики.
Загадувањето од сообраќајот е во зоната на дишење
Следењето на квалитетот на воздухот и влијанието на загадениот воздух врз здравјето на населението е во надлежност на центрите за јавно здравје.
„При согорувањето на горивата, во издувните гасови на возилата доминираат јаглерод диоксидот и посебно, јаглерод моноксидот, азотните оксиди, алдехидите, сулфурните соединенија, оловото и други соединенија, меѓу кои и бензпирен, кој е со бластомогено дејство. Отежнувачки карактер на загадувањето од сообраќајот е тоа што неговата емисија е на 30-50 см од почвата, т.е. во зоната на дишењето, при што загадувачките материи бргу и рамномерно се мешаат со воздухот и се најопасни за децата и други вулнерабилни групи на население, посебно за хроничните болни“, вели д-р Петар Оханесјан, специјалист по хигиена со здравствена екологија од Центарот за јавно здравје од Прилеп.
И НВО во акција
Невладините организации постојано алармираат за драматичните состојби на амбиенталниот воздух, барајќи и потенцирајќи дека намалувањето на аерозагадувањето мора да биде врз сите извори паралелно.
„На сообраќај отпаѓаат меѓу 11 до 14 проценти, како заднинско урбано загадување, но во близина на сообраќајниците и до 34 проценти. Возилата испуштаат повеќе од 200 токсични хемиски соединенија, чие количество е поголемо кај постарите возила. Овие возила, особено со помината поголема километража, покрај зголемената емисија на ПМ честички, кои ги активираат проинфламаторните и канцерогени патишта во организмот, и другите штетни емисии на гасови, имаат зголемени емисии на многу токсичните јагленоводороди, меѓу кои бензенот, толуенот, етилбензенот, ксилените и бензо-а-пиренот. Ова се генотоксични, канцерогени и мутагени супстанции, многу опасни по здравјето на луѓето, особено за децата“, вели Невена Георгиевска од О2 Иницијатива.
Невладините организации бараат да се ограничи увозот, по примерот на Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора – возила што се користени да не можат да бидат постари од 10 години и не под еуро 5 стандард, а новите возила да бидат под еуро 6 стандард. Инсистираат на воведување строги контроли и инспекции за инспекциски проверки на урбаниот сообраќај, со цел да се елиминираат најзагадувачките возила од улиците, враќање на улогата на јавниот превоз како реална алтернатива на автомобилите, развој и подобрување на инфраструктурата за велосипедите и е-возилата.
Забрана за користење неисправни возила
Професорката од Факултетот за природни и технички науки при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Афродита Зенделска, со препораки – локалните власти да воведат современ и достапен јавен превоз, да го ограничат сообраќајот во централните подрачја, да стимулираат користење велосипеди и пешачење, а централните власти да воведат контроли и забрана за користење стари и неисправни возила.
Светска банка неодамна процени дека загадениот воздух во Македонија, годишно убива по 1.600 луѓе. Особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година е поврзан со загадениот воздух.
Новинарска екипа: Христина Стојановска, Светлана Ристеска, Александра Максимовска, Маја Терзиова
Оваа тематска сторија е подготвена преку Здружението на новинарите на Македонија, а во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините Кавадарци, Куманово, Гостивар, Струга и Струмица. Овој проект е дел од Програмската рамка на УНДП, финансирана од страна на Шведска.Ставовите изразени во оваа тематска сторија се на авторите и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП, Шведска како донатор и на другите партнери во проектот