Напуштањето на домашни миленици, особено кучиња, не е само лична или семејна одлука – тоа е чин што остава трајни последици врз целиот град и неговото функционирање. Она што за некого е „само едно куче“, за градот станува проблем со јавно здравје, безбедност, етика и јавна потрошувачка, реагираат од Јавното претпријатие „Лајка“.
„Кога сопственик ќе напушти миленик, тоа животно завршува на улица – но улицата не е природна средина за него. Градските улици полека се претвораат во несоодветни прибежишта, полни со гладни, болни и често уплашени животни кои се борат за преживување. Овие услови не се одржливи ниту за животните, ниту за луѓето“, нагласуваат од „Лајка“.
Како што истакнуваат оттаму, кога едно општество дозволува масовно и неказнето напуштање миленици, тоа испраќа поразителна порака: дека грижата е привремена, а одговорноста – изборна.
„Децата растат гледајќи дека животно може да се „фрли“ кога ќе стане непрактично. На тој начин се пренесуваат погрешни вредности – дека животот е заменлив, дека посветеноста има рок на траење. Таквото однесување го разјадува ткивото на општествената солидарност. Зашто, ако не се грижиме за најранливите – што кажува тоа за нас како луѓе?“, прашуваат од претпријатието.
Секое напуштено животно, додаваат, станува товар на општинските ресурси. Стационарите се преполни, а капацитетите за вдомување и стерилизација се ограничени.
Локалните власти мора да вложуваат средства во заловување, хуман третман, ветеринарна грижа, стерилизација, вакцинација… А сите тие трошоци произлегуваат од нечие лично – и неодговорно – однесување.
„Според Законот за заштита и благосостојба на животните во Македонија, напуштањето на миленик е казниво дело. Но во пракса, ретко кој се соочува со санкции. Без контрола на регистрација на миленици и без системска едукација, законот останува само на хартија“, посочуваат од „Лајка“.
Според нив, напуштањето може да се спречи преку: масовна едукација за одговорно сопствеништво, задолжителна регистрација и микрочипирање, достапни програми за стерилизација, како и јасни и применливи казни за напуштање.
„Кога некој ќе го напушти својот миленик, последиците ги сноси целото општество – институциите, граѓаните, децата, а најмногу самото животно. Затоа, секој чин на напуштање треба да се третира како сериозен проблем, а секој чин на грижа – како чекор напред кон подобар, похуман и покултурен град“, поентираат тие.