Независните граѓански иницијативи се обединуваат во заедничка партија за учество на локалните избори

Со здружување во заедничка формално регистрирана платформа, ќе се бориме против желбата на партиите да ги истиснат независните граѓански иницијативи од изборниот процес. Секој граѓанин има право да гласа за претставници кои навистина ги застапуваат неговите потреби, велат иницијативите Шанса за Центар, Независни за Карпош и Зелените од Гази Баба.

Преку иницијативите веќе се вклучени граѓански активисти од повеќе скопски општини и други градови, а посочуваат дека остануваат отворени и за други иницијативи од целата држава.

„Изминатиов период, повеќе граѓански организации – вклучително и Зелен хуман град – разговараа за формирање заедничка партиска платформа за здружен граѓански настап. Сепак, Зелен хуман град одлучи самостојно да се регистрира како партија и да настапи одделно. Ние останатите остануваме верни на вредностите на солидарност, заедништво, инклузивност и доверба“, истакнуваат активистите.

Тие информираат дека платформата што ќе ја основаат формално мора да биде регистрирана како партија, а за тоа ќе им биде потребна поддршка од граѓаните.

„Законот дозволува потпис само за една опција, па затоа транспарентно информираме дека потпис за нашата заедничка граѓанска платформа и потпис за која било друга нова партија, вклучително и на ЗХГ, не може да се даде истовремено. Ќе мора да се направи изборот за тоа каде ја гледате вистинската граѓанска алтернатива во моментов“, посочуваат иницијативите.

Во следниот период ќе споделат повеќе информации во врска со процесот на поддршка и ќе ги претстават нивните листи и кандидати. Сите граѓани без разлика на градот на живеење, ќе можат да ја дадат својата поддршка за нивната регистрација.

„Граѓаните заслужуваат избор – но и јасна слика. Ќе настапиме здружено, со чесни луѓе, силна визија и искуство стекнато од теренот. Нашата борба продолжува – отворено, храбро и заеднички“, нагласуваат од Шанса за Центар, Независни за Карпош и Зелените од Гази Баба.