Во врска со покажаниот интерес на јавноста информираме дека Собранието е институцијата која носи одлука за престанок на функцијата и разрешувањето на претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, соопштуваат од ДКСК за случајот со нивната претседателка Татјана Димитровска.
Според антикорупционерите, поднесување оставка како морален чин е одлука и право на самата претседателка.
„Имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за индивидуална одговорност, Државната комисија работи и ќе продолжи да работи и да ги извршува своите надлежности пропишани со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, посочуваат тие.
Сепак, велат од таму, во интерес на непречено работење и успешно остварување на целта и надлежностите на Државната комисија, ценат дека е исклучително важно Државната комисија да функционира во полн состав.
„Воедно, Ве известуваме дека претседателката на Државната комисија за спречување на корупција согласно изречените мерки од надлежниот суд, во изминатиот период не доаѓа на работа“, стои во соопштението.
Инаку, Татјана Димитровска, сѐ уште актуелната претседателка на Антикорупциска комисија, од април годинава беше опфатена со истрага за едно кривично дело, а од пред три дена е обвинета за две.
Јавноста досега знаеше дека таа се сомничи само за оддавање службена тајна во предметот „Адитив“, додека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од 18 јули откри дека на Димитровска ѝ се става на товар и дека со цел да добие Сертификат за положен испит, во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата Вибер на третообвинетиот – ревизор во Државниот завод за ревизија (ДЗР), му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.
Третообвинетиот од службениот електронски уред на Државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации.
„Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од Дирекција за безбедност на класифицирани информации второобвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен Државна тајна“, соопшти ОЈО ГОКК.