„Надзорна комисија кога?“ – герила акција на „Кој е следен?“ пред Собрание и ОЈО

„Надзорна комисија кога?“ е прашањето што 125 дена, 3.000 часа и 10.800.000 секунди сите го поставуваме, од Кочани до Скопје и назад. Пратениците се избрани за да ги штитат интересите на граѓаните, а не за да молчат кога треба да се воспостави контрола врз институциите и да бидат соучесници во креирањето систем без контрола и правда, истакнуваат од иницијативата „Кој е следен?“.

Тие денеска преку герила акција ова прашање буквално го поставија пред Собранието. На мостот пред Основното јавно обвинителство, пак, подредија дел од текстот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во кој ги прашаа пратениците како ќе постапат по повикот за акција во кој 5.000 граѓани побараа надзорна расправа за системските пропусти кои водат до несреќи, а сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ дадоа шокантни изјави – дека тие не одговараат пред избирачите, туку пред партијата.

„Прашањето ‘Кога надзорна комисија?’ не е техничко прашање, туку е прашање на слобода, демократија и заштита од злоупотреба. Затоа, не само што постојано (ќе) прашуваме, туку и бараме! Надзорната комисија е долг кон 62-та загубени животи, а не партиските калкулации и политичките услуги. Народот гледа и не заборава!“, велат од „Кој е следен?“.

Тие потсетуваат дека денес во Кочани повторно ќе се одржи „Марш на Ангелите“ со почеток од 18:05 часот, како и дека повторно организираат караван на автомобили за превоз на сите оние кои сакаат да се приклучат.