Садик Емроја: На младите кои стапуваат во брак им недостасува емоционална зрелост

Прераното стапување во брак и го смени животот на 20 годишната М. Садриу од Скопје, која се откажа од студиите поради љубов, но заврши сама, без надеж и разведена по само две години. Во разговор за Порталб.мк таа раскажува за тешките последици на прерано донесените одлуки, а социологот Садик Емроја предупредува на недостаток на емоционална зрелост кај младите кои стапуваат во брак.

Статистиките покажуваат дека на списокот на разводи во Северна Македонија во 2024 година доминира возрасната група од 20-24 години. Двајца млади од Скопје имале само по 20 години кога решиле да стапат во брак. Заљубени уште во средно училиште тие верувале дека чувствата се доволни за да изградат еден живот заедно. Меѓутоа, нивната реалност по свадбата беше сосема поинаква.

20 годишната М. Садриу ја раскажа својата приказна за Порталб.мк.

„Иако мојот сон отсекогаш беше да студирам и во иднина да имам професија, за среќа или за жал стапив во брак на млада возраст, иако одлуката беше моја. На почетокот сè изгледаше совршено. Живеевме со неговите родители, а подоцна почнав да ѝ помагам на неговата мајка со домашните работи. Тој работеше долги часови и често се враќаше дома уморен и нервозен. Се чувствував осамена и неподготвена за брачните обврски“, рече М. Садриу.

Таа се откажа и од студиите.

„Со тек на времето се покајав што не ги продолжив студиите и не го исполнив мојот сон да станам докторка, и ми беше мака кога ги гледав другите на социјалните мрежи како уживаат во нивниот студентски живот, а јас бев принудена да работам домашни работи на толку млада возраст“, рече таа.

Социјалните мрежи донесоа дистанца и љубомора во бракот 

„Почнав да поминувам повеќе време на Инстаграм и ТикТок, а еден од најголемите проблеми што ги имавме беа социјалните мрежи, а сè започна кога решив да објавувам видеа на ТикТок и да го споделувам „секој момент“ со моите следбеници кои од ден на ден беа се побројни, и почнав да се чувствувам среќно. Нему не му се допаѓаше тоа, бидејќи се чувствуваше изложен, набљудуван и без контрола врз сликата за нашиот приватен живот. Од друга страна, тој почна се почесто да комуницира со пријателки или девојки што ги познаваше, што кај мене будеше сомнежи и љубомора“, рече М. Садриу.

Таа нагласи дека социјалните мрежи будат постојана недоверба, каде што сè беше погрешно протолкувано, секое „лајкување“ предизвикуваше кавга.

„По две години брак решивме да се разделиме бидејќи комуникацијата меѓу нас се олади. Слатките зборови беа заменети со тишина и критики, и повеќе не можевме да најдеме заеднички јазик. Разговаравме и двајцата донесовме одлука да се разделиме, бидејќи со текот на времето забележавме дека избрзавме со бракот и не бевме подготвени да продолжиме со заедничкиот живот“, рече таа.

Таа нагласи дека стапувањето во брак на толку млада возраст, без да се познавате себеси и без да ги остварите личните соништа, е тежок товар.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупниот број на разводи од 2020 до 2024 година се зголемил. Разводите кај возрасната група од 20-24 години, во периодот 2020-2024 во РСМ.

Најголем број на разводи кај возрасната група од 20-24 години е забележан во 2024 година. Минатата година  во Северна Македонија се регистрирани вкупно 1991 развод.

Економските проблеми, невработеноста или недоволните приходи можат да создадат големи тензии кај паровите, а социјалните мрежи станаа извор на љубомора и недоверба, рече социологот Садик Емроја за Порталб.мк.

„Младите луѓе денес се соочуваат со разни предизвици што можат да ги доведат до развод. Најчестите причини идентификувани од социолошките истражувања се: недостаток на емоционална зрелост, младите луѓе често стапуваат во брак без да бидат целосно свесни за одговорностите што тој ги носи, недостатокот на вештини за управување со конфликти и комуникација на здрав начин е клучен фактор“, рече Емроја.

Тој нагласи дека спречувањето на разводот не е само одговорност на паровите, туку и на општеството и институциите што влијаат на нивните животи. Емроја бара од општеството и јавните институции да обезбедат бесплатно советување за млади парови пред и по бракот, како и да субвенционираат програми за подигање на свеста за бракот и одговорностите што ги носи. Исто така, да се создадат комуникациски центри каде што паровите можат да добијат психолошка, социолошка и правна помош на дискретен начин.

Инаку, на 4 јуни 2025 година, во Северна Македонија беше објавено дека минатата година имало зголемување на бројот на разводи, а бројот на склучени бракови е намален во споредба со претходната година.