ЈП „Лајка“: Изјавата на Орце Ѓорѓиевски дека неефикасно се справуваме со бездомните кучиња покажува непознавање на проблематиката

Како претпријатие формирано и предводено од тим на активисти со повеќе од деценија исклучиво волонтерско искуство во областа на хуман третман и решавање на проблемот со бездомни кучиња, од „Лајка“ велат дека со длабоко разочарување ја примиле неодамнешната изјава на градоначалникот на Општина Кисела Вода и иден кандидат за Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, во која се тврди дека јавното претпријатие не е ефикасно во справувањето со проблемот со бездомните кучиња.

„Оваа изјава, за жал, јасно демонстрира непознавање на проблематиката, и покрај тоа што во повеќе наврати се имаме понудено за соработка, консултации и координација, како кон Општина Кисела Вода, така и кон ЗЕЛС – каде што г. Ѓорѓиевски е претседател. Ниту еднаш не добивме позитивен одговор, што укажува на сериозен недостаток на волја и интерес за вистински системско решавање на овој децениски проблем“, истакнуваат од „Лајка“.

Како што посочуваат оттаму, проблемот со бездомните кучиња е комплексен и мултисекторски. Решението не лежи во едно претпријатие или една институција, туку бара здружен напор на локалната и централната власт, институции, образовниот сектор и пошироката јавност.

Како пример, нагласуваат од „Лајка“, никаде во изјавата не се споменуваат надлежните институции како Агенцијата за храна и ветеринарство, која има клучна улога во контролата на изворот на проблемот – односно неодговорното сопствеништво, неконтролираното одгледување и продажба на кучиња. Исто така, Министерството за внатрешни работи има надлежности поврзани со надзор и санкционирање на несовесните сопственици, додека општините, меѓу кои и Општина Кисела Вода, имаат обврски и механизми кои досега не ги искористиле.

„Во конкретниот случај, Општина Кисела Вода, која има склучено договор со ‘Лајка’, според истиот има обврска да уплатува 2.000.000 денари годишно за заловување и хуман третман на бездомни кучиња. Но, од основањето на Лајка во 2021 година, има исплатено вкупно само 1.400.000 денари со што должи 5.600.000 денари што ја прави најголем должник од сите општини во градот Скопје. Па, ако веќе се говори за (не)ефикасност, најнапред треба да се постави прашањето: како очекувате резултати без да ги обезбедите средствата предвидени со договор?“, прашуваат од претпријатието.

Во делот на ефикасност, тие го негираат тврдењето дека „Лајка“ не е ефикасна. Напротив, велат, „Лајка“ постапува 100% по сите пријави од граѓаните, организира таргетирани заловувања во сите општини и работи на подигнување на јавната свест преку кампањи, медиумска застапеност и едукации во училишта и градинки.

„Само во Општина Кисела Вода, податоците од мониторингот покажуваат дека 71.48% од популацијата на улични кучиња има поминато хуман третман од кои 142 кучиња се успешно вдомени или 25% од заловените се трајно тргнати од улиците на општината – што е показател за доследна и посветена работа и покрај тоа што општината 3,5 години не ги подмирува своите договорни обврски према ЈП ‘Лајка’“, забележуваат оттаму.

Она што е најзагрижувачко, сметаат од претпријатието, е инсинуацијата дека „Лајка“ треба сама да го реши проблемот со бездомните кучиња. Тоа не е ниту возможно, ниту законски очекувано. „Лајка“ може да ја контролира популацијата откако кучињата веќе се бездомни, но не може да спречи создавање на нови бездомни кучиња – за што одговорноста е пред сè на локалната самоуправа и државните институции.

„Во последните години, со силна поддршка од граѓаните, јавни личности, компании и дипломатски претставништва, ‘Лајка’ се етаблираше како позитивен пример за претпријатие кое работи со максимална одговорност, транспарентност и хуманост – кон кучињата, но и кон граѓаните. Тоа не се постигнува со празни изјави, туку со конкретна работа на терен – што секојдневно го покажуваме и за што зборуваат годишните извештаи на претпријатието“, поентираат од „Лајка“.

Тие ги повикуваме сите кандидати за идни градоначалници, особено оние кои досега имале функција со надлежности поврзани со ова прашање, првин да покажат личен и институционален ангажман, а потоа да даваат изјави со кои се дискредитира работа што не ја разбираат или не се потрудиле да ја поддржат.

„Ние остануваме отворени за соработка со секој кој има искрена волја и разбирање дека хуман третман и контрола на популацијата на бездомни кучиња е прашање на цивилизациска зрелост и меѓуинституционална одговорност“, истакнуваат тие.