РЦПЛИП „Порака“: Потребни се итни дополнителни мерки за лицата со попреченост за време на пандемија

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – „ПОРАКА“ испрати јавно писмо и реакција до Министерството за здравство и до надлежните здравствени институции за итно преземање на дополнителни итни мерки со цел да се заштити здравјето на лицата со попреченост во услови на пандемија.

Тргнувајќи од последниот смртен случај на 19-годишната девојка со Даунов синдром во Битола на 7 април, годинава, од Здружението бараат придружник при хоспитализација на лицата со интелектуална попреченост,  приоритет при остварување на здравствена заштита, како и приоритетна вакцинација на лица со попреченост.

„Приоритетно е да се обезбеди придружник при хоспитализација на лице со интелектуална попреченост, без ограничување на возраста, со цел успешно да се оствари потребната здравствена заштита. Ова е особено важно поради ограничената можност и потешкотии во комуникацијата кај лица со потежок степен на интелектуална попреченост“, велат од Здружението.

Оттаму нагласуваат дека нарушената општа здравствена состојба и слабиот имунитет кај повеќето лица со интелектуална попреченост, како и со оглед на последиците кој корона вирусот ги предизвикува, потребно е овие лица да добијат приоритет при остварување на здравствена заштита, односно прегледи, третмани, интервенции, лекарства и хоспитализација во време на пандемија.

“Во овој период кога е актуелна имунизацијата против КОВИД -19, потребно е вклучување на лицата со интелектуална попреченост како приоритетна група во масовната вакцинација на населението, на што задолжително треба да претходи детална анализа на здравствената состојба на лицата со интелектуална попреченост а со тоа и избор на тип на вакцина“, се вели во реакцијата.

Оттаму додаваат дека согласно Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, која Република Северна Македонија ја ратификуваше во 2011 година, државата е должна да обезбеди највисок достапен стандард на здравствена заштита без дискриминација врз основа на попреченост.

„Државата треба да ги преземе сите соодветни мерки за да обезбедат пристап за лицата со попреченост до здравствени сервисни служби, и да осигура ист опсег, квалитет и стандард на бесплатна или достапна здравствена грижа и програми за лицата со попреченост, како што се обезбедени за другите лица“, истакнуваат од „Порака“.

„Порака“ е   национална, граѓанска, невладина и непрофитна организација која ги застапува правата и интересите на повеќе од 20.000 лица со интелектуална попреченост во Р. Македонија. РЦПЛИП „Порака“ е оформена во 1963 година, а во моментов обединува 20 локални организации во земјата.