Час по полноќ во неделата, заврши петнаесетото издание на култниот музички фестивал во Македонија – „Д Фестивал“. Годинава, за првпат, тој не се одржа во Дојран, туку своето „прибежиште“ од политички препирки го најде во Штип. Чувството несомнено беше поинакво, програмата пократка, бините помалку. Но, енергијата, фестивалџиите и комарците – на исто ниво!
Радио МОФ не ги фати сите изведувачи, но пренесува неколку моменти кои оставија трага.
Кога „влета“ на стадионот првиот ден, во петокот, „Буч Кесиди“ веќе ги изведуваа последните песни. Баш тогаш, Лука Рациќ и Зоран Зарубица од Панчево запреа за да ги потсетат присутните што се случува во нивната родна земја.
„Додека ние тука џускаме, студентите во Србија ги тепаат и апсат. Затоа, за нив, сите заедно – ПУМПАЈ!“, рече Рациќ пред да го засвират и запејат алтернативниот инди-рок хит „Нема љубави у клубу“.
View this post on Instagram
По нив, публиката се сврти на лево, накај Mosquito стејџот, за да ја чуе групата „Љубојна“ и добро познатите етно песни за сите македонци. Жанровскиот баланс го направија легендарните „Архангел“. „Чудесен свет“, „Убер македонише“, „Heart Core“, „Превез“… Од мали до стари, се чинеше, сите пуштија глас заедно со Ристо Вртев. Во еден момент, рокерот почна да разговара со некој од првите редови во публиката.
„Сега разбрав за што зборуваш. За државниот пораз кој ни се случи во Кочани. Додека тоа не го решиме, не можеме напред. Имаме северен сосед кој сега се бори, така треба и ние. Не ми се веруваше дека е можно. Шеесет+. УЖАС!“, беа дел од зборовите кои Вртев ги упати до публиката.
Првата вечер заврши со „Пијан славеј“ и диџеј Flooder. До крајот останаа само најхрабрите, а нѐ имаше доста. Еден од нив беше Борис Медарски од кочанскиот нојз рок бенд „Корка“, со кој случајно се сретнавме, а си замина со плетенки исплетени од различни нему познати и непознати фестивалџии. И Радио МОФ сплете една.
View this post on Instagram
Во саботата настапуваа бројни изведувачи кои сакавме да ги чуеме како „Мизар“, „Последен удар“ и „Peach Vice“, но стигнавме само на Кирил Џајковски, TK Wonder и Rootsman. Спојот на електроника, рап и реге е несекојдневно и посебно искуство за секој вљубеник во овие жанрови. Како што рече и TK Wonder, со чисти срца се играше и пееше за секој прерано заминат.
Последниот ден фестивалот броеше најмногу посетители. На главниот стејџ настапи нашата Дина Јашари, jамајканскиот реге бенд „Inner circle“ и aмериканскиот хеви метал бенд „Soulfly“, додека на Mosquito – македонскиот алтернативен рок бенд „Moira“, хип-хоп артистот Никартик на домашен терен, меѓу своите, и уникатните Zee и Matej Foltz.
View this post on Instagram
Јубилејното издание на „Д Фестивал“ го затворија скопскиот рап бенд „Dope Kukjata“ и југословенската рок група „Прљаво казалиште“. И по толку децении од издавањето, никој не остана имун на „Ту ноч кад си се удавала“, „Не зови мама доктора“, „Киша јесење“, „Црно бијели свет“…
„Пасворд продукција“, и покрај предизвиците и цинизмот, остана доследна на името кое го вметна на светските фестивалски листи, а кое, како што рекоа, се обидуваат да им го земат. Освен по локацијата, ова издание се разликуваше и по бесплатниот влез, со препорачана донација за „Support Kocani“. Па така, иако во една поинаква форма, „Д фест“ го искусија и мали дечиња со родители, повозрасни луѓе, друштва од сите генерации.
Веќе од наредната година, фестивалот ќе се префрли под Исарот – штипската тврдина на западниот дел од градот, каде ќе се врати и камперското искуство.
Ангела Петкова