Премиере, вчера Ве слушав на прес-конференција како изнакажавте еден куп глупости и празни зборови, откако ретериравте од „брилијантната“ идеја за даноци за немажени и неженети. Зборувавте дека сте загрижен за „демографската иднина на Вашата татковина“, од аспект на тоа што во Македонија снемува деца и набројавте како во 2016 година се родени 23.000 бебиња, додека во 2024 – 16.000, што е рецесија од 30 отсто.
Зборувавте и за фертилитетот во земји како Јужна Кореја, Грција, Полска, Германија… кои трошеле пари за оваа намена, ама, сепак, „не е се’ до финансиите, туку до срцето, главата, желбата и умот“.
Споменавте дека треба да работиме со децата од најмлада возраст, а во читанката, наместо „јас, мама и тато“, за семејство да стaвиме „јас, мама, тато, бато и дада“, со што ќе опстоиме како народ, нација и држава.
Е, сега, зошто велам „глупости и празни зборови“?
За почеток, ќе цитирам коментар од Фејсбук: „Младите не ја гледаат Македонија како место за семејство, туку како место за бегање. Демографијата не е проблем на плодност, туку на политика. Кога државата ќе стане стабилна, праведна и вредна за живот – децата ќе се вратат сами. Без казни и закани“.
Премиере, младите не сакаат земја каде после најголемата трагедија во поновата македонска историја – онаа во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани – наместо за одговорност да слушаат како нивните другари се мета на заокружувања, заплашувања и закани. Сите провладини мегафони се пуштија на најјако на младите активисти од движењето „Кој е следен?“, дури се оцрнуваа(т) и семејствата на загинатите, па и активистите од иницијативата „Support Kocani“.
Вашата Влада наместо да охрабри младинска виталност, дотура масло и зборува за „политички мотивирани собири“, со цел да се задуши и амортизира граѓанскиот револт, сè во интерес на предизборна стабилност и мирно владеење. Срам! Вие сте лицето на Владата и ваквото вербално насилство индиректно го поддржувате!
Ама, младите тоа го гледаат, впиваат, не се глупави. Ги потценувате! Па, тие млади се на улиците баш поради таа „иднина“ што ја зборувате, преку глава им е да слушаат генерациски цинични верглања од типот дека „не не’ бива“ и „сè е џабе“. Знаете, има една песна од „Хахаха“ се вика „Сакам дома да живеам“. Химна им е на младите проблесоци во изминатава деценија. Сакаат ТУКА да создадат дом, работа, другари, семејство, деца, што-и-да-е. Нели, тоа беше муабетот?!
Како ќе создадат кога гледаат како Македонија тоне во корупција? Растат со традиција на корупција од лекар до диплома до возачка до функција. Со бркање врски за сè живо и диво. Со опирање на сè што е по закон или непишано бон-тон правило. Со „сине, снајди се у животот, не биди будала“. Со политичари на „црни листи“ како секојдневие.
Според Индексот за перцепција на корупција за 2024, објавен годинава од Транспаренси Интернешнел, Македонија е рангирана со 40 поени на 88-то место од 180 држави. Ако во 2023 година, кога на овој Индекс земјата беше на 76-тото место главно заради измените на Кривичниот законик, падот сега се должи на скандалите во судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители.
Едноставно, младите не се имуни и слепи за корупцијата на чичковците и тетките на јавните позиции, или за индициите за политичко влијание во судството, или за контроверзиите со Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).
Младите гледаат, слушаат, голтаат, дишат. Само, не знам колку дишат зимно време, зашто политиките за животна средина не мрднаа од мртва точка. Премиере, колку направи Вашата Влада за да излезе Скопје од трката за најзагаден град во светот? Јас ќе ве потсетам: Слабо! Вкупните средства (1.36%) од Буџетот, иако беа исчекор, се малку во однос на собраните даноци за животна средина и би требало да се двојно повеќе.
Најголем дел од парите за екологија во буџетот за 2025 беа предвидени за комунална инфраструктура, водовод и канализации. Немаше средства за да се смени греењето од јавните установи, домаќинствата, сообраќајот. Немаше за десетте болници кои во текот на 2025-та требаше да ги променат нафтата и мазутот и да не ги трујат граѓаните, ниту за стандардизирање на депонијата „Дрисла“ и развивање на системот за управување со отпад, ниту за континуирано мерење на тешки метали во воздухот.
Премиере, Ве потсетувам дека аерозагадувањето со ПМ 2.5 во Македонија годишно одзема над 3.800 животи, што е 17,7 отсто од вкупната смртност во државата. Секој деветти смртен случај кај новороденчињата е поврзан со загаден воздух. Тие новороденчиња можеа да израснат и да ја подобрат демографската рецесија што деновиве патриотски ја верглате.
Главниот град, каде идните родители сонуваат да дојдат пред да одлетаат за Странција, градоначалничката Данела Арсовска што Вие ја поддржавте – го направи парам парче! Ѓубре насекаде, јавен превоз што дише на шкрги, а институционална култура без пари.
Во нејзината програма „За модерно Скопје“, меѓу ветувањата за бесплатни автобуси, гасификација на главниот град и најдобар Луна парк на Балканот (ХА!), стои и дел што се вика „Младите креираат во МКЦ“. Премиере, знаете ли што се случува моментално со МКЦ, некогашниот факелносец на независната култура? Тоне во долгови. Поради незавидната финансиска состојба стана „простор за изнајмување“, отворен дури и за турбофолк настани, за кои директорот, контроверзно поставен од Арсовска и покрај противењето на јавноста, сега „не гледа проблем што Аца Лукас бил присутен во МКЦ“. Така кажа на телевизија, мртов ладен.
Тоа е лош менаџмент и лоши политики. Тоа е насилно одземен и пренаменет простор, каде младите треба да се хранат со култура, а не со џиберство како лајфмотив. И, не е само МКЦ. Лани правевме анализа, која покажа дека во изминативе години институции како Библиотеката „Браќа Миладиновци“ и Културно информативниот центар (КИЦ) добиваат трошки наместо поддршка. Ем не им се исплаќаа комуналии, ем немаа средства за програма. Тоа значи полно млади без книги, без култура, без слободна мисла, без перспектива.
Еве, да го тргнеме тоа на страна, одговорноста е на локалната самоуправа, иако сега доаѓаат локални избори и Вашата партија сака да го добие и Скопје.
Но, да Ве прашам, колку направивте како премиер за младите? Пак ќе ви кажам: Слабо! Иако е помината само една година од четиригодишниот мандат, младите засега не добија премногу од ветените мерки. Владата досега единствено се фокусираше на делови од образованието, за млади земјоделци и за новото Министерство за млади, кое патем не е доекипирано! Година дена, а министерството уште нема сериозна функција за младите.
Владата вети дека 500 студенти со највисок успех ќе добијат понуда за работа во приватниот и во јавниот сектор. Ништо. Потоа, секој студент ќе добие можност да работи на скратено работно време. Ништо. Ќе се релизираат 5.000 обуки за дигитални вештини. Ништо. Ќе има апликација за попусти во театри, музеи, јавен превоз и спортски натправари. Ништо. Владата беше гласна и за мерката „Купи куќа за млади“, воедно и дека јавните институции ќе бидат отворени за волонтирање и практична работа. Ништо.
Премиере, како младите, идните родители ќе остануваат во државата да создаваат семејство, по желба, и да имаат деца, по желба, нели според вашата формула за да ја надминуваме демографската рецесија – ако продолжите да не ги фермате? Кој им е мотивот? Љубовта кон земјата?
Па, таа земја им одмагa наместо да им помага, а возвратена љубов осеќаат само во предизборен период кога наголемо се купува социјален мир. Ама, младите не глупави, не им е тоа убедливо за да останат, да планираат нов живот и тој живот да го растат, хранат, облекуваат и едуцираат во Македонија.
Бојан Шашевски